Растат песимизмот и загриженоста во светот / Photo: AA Archive

Нешто помалку од половина од луѓето во светот веруваат дека на нивните семејства ќе им биде подобро во иднина, а најголем песимизам изразиле граѓаните кои живеат во земјите кои се во групата водечки економии, покажува истражувањето на Еделман труст (Edelman Trust).

Само 40 отсто од испитаниците од 28 земји во светот се согласиле со изјавата „јас и моето семејство ќе живееме подобро за пет години“, покажа истражувањето на Еделман Траст. Истражувањето покажа дека се зголемува песимизмот бидејќи пред една година половина од испитаниците очекуваа подобрување.

Во САД, Велика Британија, Германија и Јапонија, песимизмот го достигна највисокото ниво во последните две децении кога фондацијата почна да го спроведува истражувањето.

Ваквиот став ја одразува длабоката несигурност во глобалната економија бидејќи војната во Украина продолжува и централните банки ги зголемуваат каматните стапки за да ја скротат инфлацијата.

Светската банка неодамна предупреди дека 2023 година би можела да биде фатална за глобалната економија која би можела да влезе во рецесија.

Во групата водечки економии, најмал удел на „оптимисти“ е забележан во Јапонија, само девет проценти. Следуваат Германија и Велика Британија, со 15, односно 23 отсто од испитаниците, и САД, каде 36 отсто од испитаниците очекуваат подобрување.

Земји со високи стапки на раст забележаа многу подобри резултати, иако нешто послаби отколку минатата година, со исклучок на Кина во која уделот на „оптимисти“ порасна за еден процентен бод, на 65 отсто, и покрај економските пореметувања поврзани со строгите ковид мерки.

Пекинг во меѓувреме значително ги ублажи мерките на спречување на заразата со ковид.

Резултатите повторно покажаа и длабока поделба на општеството под влијание на пандемијата и инфлацијата. Така домаќинствата со повисоки приходи уште имаат доверба во институциите како владата, компаниите, медиумите и невладините организации, за разлика од оние со ниски примања.

Така во САД, Еделмановиот индекс покажа просечно ниво на доверба во клучните институции меѓу испитаниците со високи примања од 63 отсто. Во групата со ниски примања доверба во институциите искажаа само 40 отсто.

Слични отстапувања присутни се и меѓу испитаниците од Саудиска Арабија, Кина, Јапонија и Обединетите Арапски Емирати.

„(Истражувањето) всушност повторно покажа огромна класна поделба“, рече Ричард Еделман, сопственик на фондацијата.

„Во пандемијата бевме сведоци на различни исходи во однос на здравјето, а сега тоа го гледаме во однос на влијанието на инфлацијата“, додаде тој.

Светската здравствена организација (СЗО) нагласи дека пандемијата им нанела поголема штета на сиромашните, а зголемувањето на цената на основната храна најмногу ги погодила луѓето со ниски примања.

Во Аргентина, САД, Јужна Африка, Шпанија, Шведска и Колумбија, резултатите од истражувањето сигнализираат поларизација, бидејќи голем број испитаници се согласија со изјавата „Гледам длабоки поделби и мислам дека никогаш нема да ги надминеме“.

Испитаниците покажале малку поголема доверба во компаниите, што Еделман го припишува на програмите за зачувување на работните места во пандемијата, повлекувањето од Русија поради нејзината инвазија на Украина и зголемената посветеност на еднаквоста на малцинските општествени групи.

Во истражувањето од 1 до 28 ноември учествувале повеќе од 32.000 испитаници.

TRT Balkan / агенции
Популарни