Сантјаго Санчез Когедор (41), кој тргна пешки од својата земја Шпанија за да ги следи фудбалските натпревари на Светското првенство во Катар 2022 година, пристигна во Туркије (Турција) поминувајќи 3.000 километри за шест месеци.
Санчез Когедор тргна од градот Алкала де Енарес каде што живееше, на почетокот на годината, со две цели, да привлече внимание на загадувањето на животната средина во светот и да го гледа Светското првенство на ФИФА во 2022 година.
Патникот екологист помина низ Франција, Италија, Словенија, Албанија, Босна и Херцеговина и Грција. Когедор досега за приближно шест месеци испешачи 3.000 километри. Влезе во Туркије преку граничниот премин „Пазаркуле“.
За време на неговото патување до пристигнувањето во Едрене износи три пара чевли.
Тој од турскиот град Мардин ќе влезе во Ирак. Откако ќе го помине Кувајт, планира во средината на ноември да стигне во Катар.
Шпанскиот љубител на фудбал ја чисти и животната средина по рутата низ која минува. На местата кои се небезбедни, Когедор патува со јавен превоз.
„Пешачењето е мојата животна филозофија“
Санчез Когедор нагласи дека долгото пешачење и возењето велосипед се неговата животна филозофија.
Екологистот, кој е навивач на Реал Мадрид, истакна дека собирајќи ѓубре на рутата низ која пешачи се обидува да го сврти вниманието кон загадениот свет.
Наведувајќи дека претходно меѓу Шпанија и Катар патувал со велосипед, Санчез Когедор додаде:
„Претходно оваа рута ја поминав со велосипед. На ова патување повторно поминав низ Едрене. Во текот на целото патување имаше луѓе кои ме угостуваа. Планирав да поминам од граничниот премин „Ипсала“ и да го продолжам својот пат. Но пешачев уште малку до Едрене за да ги видам пријателите што ги запознав претходно. Стекнав многу добри пријателства. Светот е прекрасно место. Луѓе кои никогаш не сум ги видел ме канат во нивните домови. Ми ги доверуваат клучевите од нивните домови. Ме канат да седнам на нивите маси“
Санчез Когедор ги посети историските и културните места во Едрене, меѓу кои и Џамијата „Селимије“, и тргна кон Истанбул.