Во земјите од Западен Балкан може да се стигне преку 14 меѓународни аеродроми кои нудат директни летови до повеќе европски дестинации. ТРТ Балкан анализираше колку аеродроми има секоја од државите во регионот и дали има планови за изградба на нови. Владите во регионот покажуваат поголеми амбиции за освојување на небото, но освен проектите во Албанија останатите се во почетна фаза на планирање или проекции.
Планови за најголем аеродром во Албанија
Само пет меѓународни аеродроми се градат во Европа во последните години одбележани од силна криза во авиоиндустријата. Кризата најпрво беше предизвикана од ограничувања на летовите поради карантините од Ковид-19 пандемијата, а годинава ја одбележаа протести на вработените во авиокомпаниите и аеродромите, како и недостиг на работна сила.
Еден од овие пет проекти е новиот меѓународен аеродром во Валона кој ќе биде најголем во Албанија, со главна цел да се поддржи масовниот туризам.
Проектот за новиот аеродром на југозападниот дел на Албанија треба да овозможи зголемен број на патници во посета на познатите туристички локации. Договорот вреден 104 милиони евра беше потпишан во април 2021 година, а ќе го гради косовско-турски конзорциум.
Албанија исто така планира и изградба на нов локален аеродром во Саранда, градот со бројни ресорти, кој ќе биде наменет за локален авиосообраќај и ќе функционира сезонски во текот на летото. Проектот е проценет на 37 милиони евра. Во Албанија засега има два меѓународни аеродроми-во Тирана и во Кукс. Најпрометен засега е меѓународниот аеродром Мајка Тереза во Тирана.
Наместо аеродром инфраструктурни инвестиции
Во регионот на Западен Балкан освен меѓународниот аеродром во Валона, планирани се повеќе проекти кои може наскоро да се материјализираат.
Македонските власти се задоволија со реконструкцијата на скопскиот меѓународен аеродром. Откако концесијата беше доделена на турски ТАВ овој аеродром бележи фантастични резултати со зголемен број на патници, нови директни линии и голем број на прелети.
Плановите за изградба на карго аеродром во Штип се откажани поради лоша конфигурација на теренот и неповолни ветришта, а предвидените средства турскиот инвеститор ги пренасочи во други инфраструктурни зафати низ земјата. Во Северна Македонија функционираат меѓународниот аеродром во Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
БиХ до рекордни пет меѓународни аеродроми?
Од останатите екс-ју републики амбициозно тргнува и Босна и Херцеговина каде веќе функционираат четири меѓународни аеродроми, во Сараево, Мостар, Бања Лука и во Тузла.
Петтиот меѓународен аеродром треба да проработи во Бихаќ, но инвестицијата ќе зависи од изводливоста на проектот. Во април годинава беа издвоени 10 милиони евра од буџетот за 2022 година за денационализација на земјиштето, како и изградба на авионска писта со што проектот се придвижува од фазата на планирање.
Првичните прогнози се дека ќе биде изграден до 2026 година кога ќе слетаат првите патници.
Планови за лет до сите поголеми центри во Србија?
Србија има само почетни планови кои замислуваат изградба на два нови аеродроми со полн капацитет. Едниот ќе биде во Добановци во близина на Белград. Вториот ќе служи како меѓународен аеродром со план да се гради на 15 километри југоисточно од Нови Сад.
Ова е предвидено во просторниот нацрт план на Министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура за кој важи до 2035 година.
Најави за можни нови аеродроми со локален карактер има и за Златибор, Јагодина, Крушевац и Ужице, за поддршка на туризмот и регионалниот развој. Во Србија засега има три меѓународни аеродроми-во Белград, Ниш и во Краљево.
Црногорците се надеваат на „трета“ среќа
Во Црна Гора се најавува изградба на нов аеродром кој ќе биде туристички, но на него ќе слетуваат и мали спортски и приватни авиони. Замислата ја претстави општина Улцињ со можна инвестиција од американско-италијански конзорциум.
Владата на Црна Гора правеше напори идниот концесионер кој ќе управува со меѓународните аеродроми во Подгорица и Тиват да го земе под закрила и аеродромот во Беране на кој ќе му треба сериозен инвестициски зафат и изградба практично на целосно нови објекти. Во Црна Гора функционираат меѓународните аеродроми во Подгорица и Тиват на кој ќе се работи на реконструкција и изградба на нов постојан терминал со проект проценет на околу 40 милиони евра.
Се лета и преку соседите
Косово засега се потпира на единствениот меѓународен аеродром Адем Јашари во Приштина. Во земјата има и помали аеродроми за спортско-рекреативни цели, но засега нема можност за изградба на нов меѓународен или регионален аеродром.
Причина за тоа се бара и во пуштањето во употреба на меѓународниот аеродром во Кукс, на северот на Албанија кој го користат голем број граѓани од Косово. Со подобра патна инфраструктура и поврзување се очекува и зголемување на корисници од Северна Македонија.