Како кандидати, апликанти за членство или земји кои преговараат, државите од Западен Балкан далеку од исполнување на критериумите на европското семејство / Photo: ТРТ Балкан

Слабите резултати во борбата против корупцијата и недостатокот на реформи во правосудството се заеднички карактеристики за повеќето земји од регионот во извештаите за напредокот во изминатата година кои денеска ги објави Европската Комисија.

Во продолжение главните поенти од скенирањето на Брисел на моменталната состојба во државите од Западен Балкан.

Нема напредок во борбата против корупцијата во Северна Македонија

Нема напредок во делот на судството и судскиот систем има умерено ниво на подготвеност. Судскиот совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и да се спротивстави на секое надворешно влијание, се вели во извештајот на ЕК за Северна Македонија. Брисел реагира на како што вели контроверзното разрешување на претседателот на Судскиот совет.

Во делот на борбата против корупцијата, Европската комисија оценува дека не е постигнат напредок и дека земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка.

“Се зголеми бројот на одложувања и враќање од почеток на судењата на случаите на корупција на високо ниво, што резултираше во некои случаи со застареност. Максималните законски казни за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што имаше импликации врз примената на застареноста и влијаеше, стопираше или дури прекина голем број случаи на корупција на високо ниво, вклучително и од поранешното СЈО”, стои во извештајот на ЕК.

Брисел посочува дека во земјата треба да се создаде подобра атмосфера за дијалог со Бугарија. Во извештајот исто така се нотира дека иако земјата била сериозно погодена од економските последици од војната во Украина сепак успеала да достигне солидно ниво на подготовка на функционална пазарна економија.

БиХ да го хармонизира законодавството со ЕУ

Слични проблеми ЕК утврди и во Босна и Херцеговина. За оваа земја Европската унија констатира дека проблемите со корупцијата остануваат и дека БиХ е меѓу рана фаза и одредено ниво на подготовка во превенцијата на организираниот криминал и корупција.

Во извештајот за БиХ исто така се наведува дека е потребно Уставот дополнително да се усогласи со Европската конвенција за човекови права. Постигнат е одреден напредок во надворешната и безбедносната политика, но нема напредок во социо-економските реформи. Се бараат суштински потези во насока на реформа на јавната администрација и законодавството да се хармонизира со законодавството на ЕУ.

Напредок само во едно поглавје за Србија

За Србија која веќе е во фаза на преговори Европската унија констатирала напредок само во едно поглавје, 17. Тоа поглавје се однесува на економската и монетарната политика. Измените како што се наведува се реализирале поради усвојувањето на нови фискални правила и измените на Законот за буџетски систем.

Во делот на надворешната политика е констатирано дека нема напредок главно поради политиката кон санкциите за Русија. И во случајот на Србија е утврдена корупција во државните структури и дека нема напредок во реформата на правосудството.

Европската комисија од Србија исто така бара исполнување на задачите од дијалогот со Косово и да соработува за случајот “Бањска”.

Длабока криза во судскиот систем во Црна Гора

Во делот на владеењето на правото нема напредок ниту во Црна Гора која исто така е во преговарачки процес. ЕУ увидела дека постои длабока криза во судскиот систем. Што според Брисел влијаело на способноста на земјата за задоволување на правдата. ЕУ смета дека во Црна Гора е постигнато ограничено ниво на напредок кога е во прашање борбата против корупцијата. Во однос на економијата Црна Гора постигнала ограничен напредок и е умерено подготвена за развој на функционална пазарна економија.

Дијалогот со Србија клучен за Косово

Косово постигнало ограничен напредок во борбата против криминалот и корупцијата. Во извештајот се наведува и дека односите на властите во Косово и српската заедница се значително влошени. Се истакнува и дека слободата на медиумите е на загрижувачко ниво на северот на Косово каде главно живее српско население. Дијалогот со Србија останува еден од главните фактори на патот кон ЕУ.

Заостанати судски предмети во Албанија

Во Албанија иако се забележуваат одредени резултати во борбата против криминалот и корупцијата сепак се посочува на долгите судски постапки и големиот број заостанати судски предмети. Но се истакнува дека земјата има одредено ниво на подготвеност и солидна соработка со земјите членки на ЕУ и европските агенции. Во однос на економијата е утврдено дека Албанија има меѓу релативно и добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија. Албанија го задржала солидниот економски раст и покрај негативните глобални тенденции поради војната во Украина. Земјата како што се наведува е на ниво на подготовка за да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ.

TRT Balkan / агенции
Популарни