Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Мевлут Чавушоглу, ја изврши својата граѓанска должност и гласаше на претседателските и парламентарните избори во оваа земја.
Во придружба на сопругата Хулје, тој гласаше во Аланија во областа Анталија.
Чавушоглу посака гласовите на граѓаните во земјата и странство да бидат корисни за татковината и нацијата, за мир, стабилност и посилна Туркије.
Според неговите зборови, во изминатиот период политичарите кажале сѐ што имале.
„Понекогаш го кажавме тоа што требаше да се каже. Понекогаш можеби сме кажале повеќе. Но денес зборот го има нацијата. Ние велиме дека суверенитетот ѝ припаѓа безусловно на нацијата. И веруваме во предвидливоста на нашата нација. Со среќа уште еднаш“, рече Чавушоглу.
Избирачките места низ Туркије се отворени утринава во осум часот по локално време (седум часот по средноевропско време), со што започна гласањето на претседателските и парламентарните избори.
Граѓаните на Туркије денес гласаат на претседателските и парламентарните избори, избирајќи меѓу тројца претседателски кандидати и 24 политички партии и 151 независен кандидат за Парламентот, кој има вкупно 600 пратенички места.
Право на глас на изборите имаат 64,1 милиони луѓе, а првпат гласаат повеќе од 4,9 милиони турски граѓани.