Претседателите на Република Туркије и Азербејџан, Реџеп Таип Ердоган и Илахам Алиев, вчера во Анкара разговараа за масакрите што Израел ги изврши во Газа, за градежните активности во ослободените азербејџански региони Карабах, како и за регионалните и глобалните прашања.
Дирекцијата за комуникации на турското Претседателство соопшти дека Ердоган и Алиев се состанале во претседателската палата во Анкара.
„За време на средбата претседателот Ердоган изјавил дека Туркије го следи процесот на заминување на руските мировни сили од Карабах и дека со почит ги следи активностите за изградба и обновување на азербејџанските територии ослободени од ерменска окупација“, се вели во соопштението.
Нагласувајќи дека геноцидната практика на Израел во палестинските региони, особено во Газа, продолжува и дека Израел со овие злосторства ја загрозува и регионалната и глобалната безбедност, Ердоган истакнал дека трајно решение е формирање палестинска држава со Источен Ал Кудс (Ерусалим) за нејзин главен град.
Претседателот на Туркије додаде дека меѓународната заедница треба да изврши притисок врз Израел да го придвижи процесот во таа насока.
Ердоган ја поздрави одлуката на азербејџанскиот Парламент за формирање Меѓупарламентарна група за пријателство со Турската Република Северен Кипар, како и поканата до претседателот на Северен Кипар, Ерсин Татар, на Самитот на Организацијата на турските држави, кој ќе се одржи во Шуша во јули.
Изразувајќи благодарност до Алиев за поканата за климатскиот самит што се одржува во Азербејџан, Ердоган изјави дека Туркије ќе обезбеди секаква поддршка во текот на подготвителниот процес.
Ердоган најави дека на самитот ќе се одржат значајни настани во рамките на проектот „Нула отпад“, кој се спроведува под покровителство на неговата сопруга Емине Ердоган.