Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека многу медиуми замижувале пред воените злосторства што Израел ги врши во Газа.
Во видео пораката упатена до учесниците на Меѓународниот самит за стратешка комуникација (СТРАТКОМ) во Истанбул, Ердоган го изрази своето задоволство од одржувањето на овогодинешниот самит, кој стана препознатлив во светот.
Турскиот претседател истакна дека СТРАТКОМ е организиран во време кога во Газа се случуваат неописливи трагедии.
„Злосторството и крвопролевањето владее во Газа од 7. октомври, каде што се погазени сите вредности на човештвото“, рече Ердоган и додаде дека цивилите што Израел намерно ги убива не се само деца и жени, туку и новинари кои, и покрај сите тешкотиите се обидуваат да му ја пренесат на светот хуманитарната трагедија во Газа“, рече тој.
Тој нагласи дека во израелските напади досега се убиени 60 новинари.
„Израел, кој очигледно врши воено злосторство со исклучување на струја и вода, оставајќи ги луѓето без гориво и храна, се обидува да ја отсече Газа од остатокот од светот за да го спречи ширењето на вестите за нивното угнетување. За жал, меѓународните организации и глобалниот систем паднаа на испитот пред оваа бруталност. Советот за безбедност на ОН, кој е одговорен за обезбедување на глобалниот мир и стабилност, стана целосно нефункционален во овој процес“, рече Ердоган.
Тој истакна дека резолуцијата на ОН, која ја усвоија 121 земја, е важна бидејќи ја одразува заедничката совест на човештвото.
„Кога станува збор за кризата во Газа, друго нешто што нè растажи, освен смртта на децата, беше пристрасното покривање на настаните од некои меѓународни медиуми. Многу медиуми ги затворија очите пред воените злосторства што Израел ги врши во Газа. Овој став не се промени ниту по убиството на нивните колеги од страна на израелските безбедносни сили. Сметам дека овој непринципиелен однос длабоко ги повреди не само семејствата на загинатите новинари, туку и целата медиумска заедница“, рече турскиот претседател.
Велејќи дека Туркије уште од првиот ден застана на страната на палестинскиот народ и се спротивстави на израелското угнетување, Ердоган потсети дека не дозволиле да се води пропагандна војна со цел уништување или извртување на вистината.
„Откривме над 100 лажни вести и ја откривме вистината преку нашиот Центар за борба против дезинформации. Нашата Дирекција за комуникации, Агенција Анадолу и ТРТ ги исполнија своите обврски. Турските медиуми кои навремено известуваа од терен покажаа голема храброст. Сакам да им честитам на сите новинари кои ја бранеа вистината, без разлика дали се домашни или странски. Критичните настани што се случија во последно време уште еднаш ни покажаа колку е важна стратешката комуникација. Заедно видовме и гледаме дека војните, конфликтите, нападите и одбраната не се случуваат само на линијата на фронтот“, рече Ердоган.
Тој ја истакна потребата од колективна борба против деструктивните ефекти на дезинформациите, кои ја расипуваат демократијата и ги таргетираат индивидуалните права и слободи.
„Верувам дека третиот самит за стратешка комуникација чиј домаќин е нашата Дирекција за комуникации е многу важен. Се надевам дека дискусиите што ќе се водат на тема стабилност, безбедност и солидарност во глобалната борба против хибридните закани ќе бидат продуктивни. Со овие размислувања, би сакал однапред да изразам благодарност до сите наши говорници и гости кои ќе придонесат за самитот“, заклучи Ердоган.
Во петокот во турската метропола Истанбул започна дводневен самит на кој учесниците ќе се занимаваат со глобални теми од областа на стратешката комуникација. Темата на овогодинешниот самит е „Глобална борба против хибридните закани: Стабилност. Безбедност. Солидарност“.
На настанот ќе присуствуваат повеќе од 60 говорници од јавниот, приватниот сектор, медиумите, академската заедница, тинк-тенкови и невладини организации од повеќе од 30 земји. Се очекува да присуствуваат 3 илјади домашни и странски учесници на настанот, кој ќе се состои од 9 панели, 9 говори и три видео пораки.
Ќе се разговара за многу теми, од спротивставување на хибридни закани до дигитална јавна комуникација, од нови технологии до вештачка интелигенција, од хуманитарни кризи до градење на меѓународна отпорност.
Меѓу другото, на Самитот ќе се разговара за соработката во глобалната борба против дезинформациите, како и за борбата на Туркије против дезинформациите.