Бројни компании, јавни институции, универзитети и обични граѓани во Туркијe одлучија да ги бојкотираат производите на брендовите кои го поддржуваат Израел.
Оваа одлука дојде како одговор на бруталните израелски напади врз Појасот Газа.
Најпрво турскиот парламент објави дека повеќе нема да ги користи производите на компаниите кои ја поддржуваат агресијата на Израел.
„Во Големото национално собрание на Туркије нема да користиме никакви производи на компании кои ја поддржуваат израелската агресија“, изјави претседателот на Големото национално собрание на Туркије, Нуман Куртулмуш.
„Отсега нема да купуваме ништо и ќе го фрламе она што го купивме порано“, додаде тој.
Потоа Универзитетот Босфор (Богазичи) во Истанбул објави дека во оваа образовна институција е одлучено да се прекине продажбата на производи на брендови кои ја поддржуваат израелската окупациска политика.
„Донесена е одлука да се запре продажбата на производи на брендови кои ја поддржуваат израелската окупациска политика во објектите на Универзитетот Богазичи додека Израел не се повлече од окупираните палестински територии“, се вели во соопштението.
Универзитетот Босфор е еден од најдобрите универзитети во Туркије и меѓу попознатите универзитети во Европа.
Техничкиот универзитет Карадениз (КТУ) и Универзитетот во Трабзон, исто така, одлучија да престанат да купуваат производи од брендови кои го поддржуваат Израел.
„Ние стоиме со Палестина и затоа го започнавме бојкотот. Во нашите капацитети во Универзитетот во Трабзон, производите од брендовите познати дека обезбедуваат економска поддршка за израелските злосторства против човештвото во Газа веќе нема да се продаваат“, се вели во извештајот.
Турскиот универзитет Безмијалем објави дека е прекината продажбата на брендови, за кои е познато дека ги поддржуваат израелските злосторства против човештвото во Палестина и Газа, во мензите, кафетериите и сите објекти на оваа образовна институција.
Компанијата Орду Енерџи АС, која работи во рамките на турската општина Орду, објави дека го раскинала договорот со израелската компанија за инвестиции во енергија вредна 150 милиони долари.
Градоначалникот на Орду, Мехмет Хилми Ѓулер, рече дека „бојкотот е национална волја“. Запрена е продажбата на израелски производи и во општинските згради во градот Османије.
Градоначалникот Омер Тархан најави дека најостро ги осудуваат израелските напади врз Газа и одлучиле да ги бојкотираат израелските производи.
„За жал, Израел врши геноцид врз нашите браќа муслимани во Газа. Затоа, во знак на протест, ги отстранивме израелските производи од полиците на нашите објекти“, рече тој.
На 4 ноември, општините во Хатај, Туркије ја прекинаа продажбата на израелски производи во нивните капацитети. Компании и граѓани во други земји исто така започнаа бојкот на израелските производи и компании кои го поддржуваат Израел.
Израел започна воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по нападот на Хамас на 7. октомври.
Во израелските напади врз Газа загинаа 10.569 Палестинци, а меѓу загинатите има 4.324 деца и 2.823 жени.
Бројот на загинати во Израел е речиси 1.600, според официјалните податоци.