Во Анкара средба на шефовите на дипломатиите на Туркије и Белорусија / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, во Анкара го прими на средба својот белоруски колега Сергеј Алејник, соопшти турското Министерство за надворешни работи.

Според турски дипломатски извори, меѓу темите за разговор на средбата била хуманитарната ситуација во Газа, каде што Израел продолжува со нападите веќе еден месец.

Фидан нагласи дека меѓународната заедница не треба да молчи пред угнетувањето и бруталноста.

Тој рече дека Туркије прави интензивни напори да постигне итен прекин на огнот, да обезбеди непречена испорака на хуманитарна помош во Појасот Газа, кој е под блокада, и да преземе чекори кон траен мир.

Шефот на турската дипломатија рече дека Израел не може да воспостави безбедност преку насилство.

Што се однесува до војната во Украина, Фидан истакна дека Туркије сака да дојде до завршница на војната врз основа на меѓународното право, додавајќи дека продолжената војна има негативни ефекти и на регионално и на глобално ниво.

Фидан ја изрази посветеноста на Туркије да продолжи да дава сѐ од себе за воспоставување мир и дека е подготвена да биде домаќин на преговорите доколку постои волја од двете страни.

Анкара и Минск имаат позитивни односи кои се карактеризираат со конструктивен дијалог меѓу двете страни.

Туркије беше првата земја што ја призна независноста на Белорусија, а дипломатските односи беа воспоставени во 1992 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни