Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине Ердоган во средата вечерта го посетија семејството на Али Осман Тас во Анкара, со кого го прекинаа ифтар, односно постот и јадеа заедно по цел ден воздржување од храна и пијалоци за време на Рамазан.
Членовите на ова турско семејство ги пречекаа Ердоган и неговата сопруга Емине на влезот од куќата.
Турскиот претседател веднаш му рекол на домаќинот дека дошол од далек пат, од Ширнак и Мардин и дека дошол заедно да го прекинат постот.
Ердоган потоа разговараше со членовите на семејството што живее во населбата Алтиндаг додека го чекаа езан, исламскиот повик за молитва со кој се завршува секојдневниот пост.
Турскиот претседател и неговата сопруга по ифтар пиеле чај со семејството.
Емине Ердоган на својот профил на социјалните мрежи објави дека на ифтар биле гости на семејството Тас во Анкара.
"Заедно го прекинавме постот. Вечерта особено ја разубавија нивните три прекрасни ќерки Ѓулхан, Нур Хајат и Елиф. Навистина им благодарам за прекрасното гостопримство", напиша Емине.