Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес предупреди дека САД прават погрешна пресметка во регионот, отфрлајќи го неприфатливиот план за Газа што неодамна го предложи американскиот претседател Доналд Трамп.
„За жал, САД прават погрешна пресметка во врска со нашиот регион. Не треба да се има пристап кој ги игнорира историјата, вредностите и наследството на оваа географија“, изјави Ердоган за новинарите на неговиот повратен лет од пакистанскиот главен град Исламабад, каде што ја заврши својата тридневна официјална посета на три азиски земји.
Нагласувајќи ги недостатоците во стратегијата на Вашингтон за Блискиот Исток, тој силно го осуди секое принудно раселување на Палестинците - повикувајќи се на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за иднината на Појасот Газа.
„Апсолутно е неприфатливо да се одобри ова принудно раселување. Ова би било чисто злосторство“, рече турскиот претседател.
Во врска со претстојните разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин за потенцијален крај на војната во Украина, Ердоган рече дека се надева оти средбата го отвора патот кон „позитивен резултат“.
Ако се добие резултат од оваа средба што ја очекуваме со добри намери, тогаш светот ќе направи многу поинаков чекор.
Осврнувајќи се на Сирија, тој го повтори ставот на Туркије против постоењето на терористички организации во земјата, нагласувајќи дека нејзината територија мора да биде целосно под контрола на Владата во Дамаск.
„Сириските чекори и временската рамка против терористичките организации се јасни. Разменивме информации (со сирискиот претседател Ахмад ал Шара) за чекорите што треба да се преземат против терористичките организации“, рече тој.
„За да се обезбедат единство и стабилност во Сирија, од суштинско значење е (сириската) администрација да има контрола врз целата земја.“
Во врска со економските врски со Кина, Ердоган најави нови инвестициски планови во автомобилскиот сектор на Туркије.
„Склучивме договор со кинеска компанија. Постојат обиди да се основа фабрика во (западната област на Туркије) Маниса. Друг кинески бренд исто така планира да основа фабрика во (северната област) Самсун.“