Ердоган: Терористите никогаш нема да успеат да го срушат мирот во Туркије / Photo: AA

Терористите кои се обидуваат да го срушат мирот и безбедноста во Туркије никогаш нема да успеат, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Изјавата на Ердоган уследи откако двајца полицајци беа повредени утрово, кога еден од двајца терористи се разнесе пред Генералната дирекција за безбедност во турскиот главен град Анкара.

Во својот говор по повод почетокот на новата законодавна година на турскиот Парламент, Ердоган рече дека денешниот терористички чин, во кој беа неутрализирани двајца терористи благодарение на навремената интервенција на полицијата, е „последниот трепет на тероризмот“.

„Нема да дозволиме терористичка организација да ја насочува нашата политика и да го попречува патот на нашата земја“, рече Ердоган.

Двајца полицајци се здобија со полесни повреди кога еден од двајцата терористи се разнесе пред Генералната дирекција за безбедност, додека другиот терорист е неутрализиран од безбедносните сили на влезот.

Повредените полицајци сé уште се на лекување и нивните повреди не се животно загрозувачки, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Главното јавно обвинителство на Анкара започна истрага за терористичкиот напад.

Ердоган во своето обраќање потсети и на борбата против терористичката организација ФЕТО.

„Како што ФЕТО никогаш повеќе нема да дејствува во оваа земја, не е можно и други слични организации да приредат нови предавства“, додаде тој.

Ја нагласи и потребата од донесување граѓански Устав.

„Народот, кој на 15 јули се крена против оружјето на пучистите, заслужува својата борба за демократија да ја круниса со граѓански Устав. Да не го одложуваме овој копнеж“, рече турскиот претседател.

Тој се осврна и на прашањето за помош и поддршка на подрачјата погодени од земјотресот на југот на Туркије.

„Почнуваме да им ги испорачуваме домовите на жителите во подрачјата погодени од земјотресот“, рече Ердоган, додавајќи дека одвоиле дополнителни буџетски средства за тие региони.

На крајот ги коментираше односите меѓу официјална Анкара и Европската Унија (ЕУ).

„Ако ЕУ не ги исправи своите грешки, особено во однос на прашањето за визите, европскиот блок нема да има право да очекува ништо од Туркије“, рече Ердоган.

AA
Популарни