Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, истакна дека на состанокот со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ќе разговараат за регионални и глобални прашања, пред сѐ за ревитализирање на иницијативата за извоз на жито преку Црното Море и ставање крај на руско-украинската војна со праведен мир.
Фидан говореше пред неговиот состанок со Лавров во Москва.
Турскиот министер рече дека за прв пат е во Москва во својство на министер за надворешни работи, и упати благодарност до Лавров за гостопримството.
Фидан нагласи дека агендата на неговиот состанок со Лавров е интензивна, и дека ќе разговараат за билатерални прашања, како и за регионални и глобални теми.
Посочи дека билатералните консултации што ќе ги направат, претставуваат подготовка за средбата која ќе се реализира во Сочи помеѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин.
„Во нашата агенда ќе бидат и темите поврзани со ревитализирање на иницијативата на Црното Море, и ставање крај на војната (помеѓу Русија и Украина) со праведен мир. Ќе се осврнеме и на регионални и глобални теми, пред сѐ за Сирија и Јужен Кавказ“, нагласи Фидан.
Од друга страна, шефот на руската дипломатија Лавров упати честитки до Фидан за неговата нова позиција на чело на Министерството за надворешни работи.
Лавров нагласи дека Ердоган и Путин се во подготовка за реализирање средба наскоро.
„Денес детално ќе можеме да ги разгледаме темите кои ќе бидат на агендата на средбата на двајцата лидери“, рече Лавров, додавајќи дека верува оти состанокот со Фидан ќе биде плодоносен.