Според првичните сознанија, загинале девет лица, а 26 се повредени / Photo: AA

Најмалку девет лица загинаа, а 26 се повредени кога патнички автобус удри во столб на мост во подрачјето на Полатли, близу турскиот главен град Анкара.

Според информациите што ги доби новинарот на АА, возачот на автобусот што сообраќал на релација Измир-Агри изгубил контрола над возилото, по што автобусот излегол од патот и удрил во столбот на мостот.

Гувернерот на Анкара, Васип Шахин, потврди дека во несреќата, според првичните сознанија, загинале девет лица, а 26 се повредени.

Пожарникарите и спасувачките служби се на терен и успеале да ги спасат заглавените во автобусот, кои се пренесени во блиските болници.

Мурат Туркоглу, возач на автомобилот што возел зад автобусот во моментот на несреќата, изјави дека се движел кон Полатли.

„Тргнавме заедно од Темели, повремено бевме еден зад друг. Автобусот возеше малку побрзо, почна да се ниша три-четири километри пред местото на несреќата, а потоа удри во мостот. Парчињата што летаа од автобусот удрија во нашето возило. Сигнализиравме со светлата и сирената, меѓутоа не слушнаа“, рече Туркоглу.

AA
Популарни