Турскиот брод за сондажни дупчења „Абдулхамид Хан“ исплови од пристаништето во Мерсин, јужна Туркије     Фото: АА

Турскиот брод за сондажни дупчења „Абдулхамид Хан“ исплови од пристаништето во Мерсин, јужна Туркије, за да започне со истражување на јаглеводороди во Средоземното Море.

Новиот турски брод од седмата генерација ќе оперира во близина на брегот на провинцијата Анталија во Средоземното Море за истражување на јаглеводороди.

Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган, во вторникот на церемонијата за испловување на бродот рече дека истражувањата и дупчењата што се вршат во Медитеранот се во надлежност на Туркије и дека за тоа не им треба ничија дозвола.

Бродот за сондажа исплови од пристаништето Тасучу, во градот Мерсин, и се упати кон бунарот „Јоруклер-1“ во Средоземното Море, каде во наредните денови ќе започне со истражување на јаглеводороди.

Нова визија во енергетиката

Во обраќањето на церемонијата, Ердоган рече дека „бродот за дупчење „Абдулхамид Хан“ е симбол на новата визија на Туркије во областа на енергетиката.

„Туркије со бродовите „Фатих“, „Кануни“, „Јавуз“ и „Абдулхамид Хан“ има ретка флота за дупчење во светот. Сега ги имаме нашите четири брода за дупчење и два брода за сеизмички истражувања во оваа област“, ​​рече Ердоган.

Тој објасни дека бродот за дупчење „Абдулхамид Хан“ се испраќа до бунарот „Јоруклер-1“, на 55 километри од Гази-паша (брегот на Мерсин).

„Бунарот „Јоруклер-1“ ќе биде првиот чекор од нашиот обемен бизнис план во Источниот Медитеран“, рече Ердоган, додавајќи:

„Нашите операции за истражување и дупчење во Медитеранот се во наша јурисдикција. За тоа не ни треба ничија дозвола.

Тој се осврна и на истражувањата во Црното Море.

„Во првата фаза од екстракција на гас од Црното Море, планираме да ги завршиме операциите во десет бунари и да го направиме тој гас достапен за нашиот народ до 2023 година“, рече Ердоган.

На церемонијата во пристаништето Тасучу во Мерсин присуствуваа потпретседателот Фуат Октај, министерот за енергија и природни ресурси Фатих Донмез, министерот за одбрана Хулуси Акар, бројни државници и гости.

Република Туркије презеде интензивни активности за дупчење во нејзините води во последните четири години. Во прилог следат пет факти за новиот брод.

Еден од пет бродови од седмата генерација

Министерот за енергетика и природни ресурси на Република Туркије, Фатих Донмез, по тој повод преку Твитер порача дека денеска е голем ден.

Донмез претходно го посети Мерсин каде што е закотвен бродот, велејќи дека тоа е еден од петте бродови од седмата генерација во светот.

Пет факти за турскиот сондажен брод „Абдулхамид Хан“ TRT Balkan

Наречен по османлиски султан

Бродот „Абдулхамид Хан“ е наречен по еден од османлиските султани.

Флота од четири бродови

Ќе се приклучи на досегашната турска флота од три брода за истражување на јаглеводороди.

Должина од 238 метри

Ова импозантно пловило е долго 238 метри, широко 42 метри и тежи 68.000 тони.

Дупчење на 12 километри

Неговата максимална длабочина на дупчење е 12.200 метри. Има висина на кулата од 104 метри и капацитет од 200 членови на екипажот.

TRT Balkan / агенции
Популарни