Претседателот Ердоган се обрати на Светскиот форум на ТРТ во Истанбул / Фото: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека Туркије е спремна да преземе одговорност за да спречи понатамошно крвопролевање во Газа.

Ердоган во обраќањето на настанот „Светски форум на ТРТ“ (TRT World Forum) кој се одржува во Истанбул, посочи дека израелските власти мора да се соочат со одговорност за војната во Газа.

„Туркије е спремна да преземе одговорност за да спречи понатамошно крвопролевање (во Газа)“, рече Ердоган.

Тој нагласи дека во праведен мир нема губитници, и додаде дека: „Израелскиот премиер Нетанјаху и неговите соучесници ќе се соочат со судење и ќе бидат осудени“.

„Како што беше осуден и уапсен Милошевиќ, верувам дека исто и Нетанјаху и неговите соучесници ќе бидат осудени, и на крајот уапсени“, нагласи турскиот претседател.

Истакна дека Западот кој што дофрла масло на огнот, не е тој што ја плаќа цената за секој изгубен момент за постигнување траен мир, туку за жал невините.

Ердоган нагласи дека Израел не убива само жени и деца во Газа, туку и новинари кои се обидуваат да ја извршуваат својата должност под тешки услови.

„Глобалните медиумски картели се обидуваат да ја прикријат бруталноста во Газа и го користат Хамас како изговор да го легитимизираат масакрот врз новинарите“, рече Ердоган.

„Израел, и покрај сето свое варварство, ја губи својата пропагандна војна во медиумите, не можејќи да го скрши отпорот на луѓето во Газа“, додаде тој.

За над 70-те убиени новинари во Газа, Ердоган рече: „Каде се реномираните светски медиуми? Зошто не објавуваат наслови за убиените новинари?“

Во своето обраќање на форумот турскиот претседател им честита на ТРТ и Агенција Анадолу (АА) за известувањата од Газа и потсети дека снимател на АА е убиен во израелски напад во Газа.

„ТРТ, Анадолу и други наши медиумски куќи отворија витален коридор од Газа кон светот“, рече Ердоган.

Инаку Монтасер Ал-Саваф дописникот на АА кој известуваше од Газа, беше убиен во израелските воздушни напади минатиот петок. Нападот се случи една недела откако 45 членови на неговото пошироко семејство, вклучително и неговите родители и браќа, беа убиени во претходен израелски воздушен напад.

AA
Популарни