Во значаен потег по падот на режимот на партијата Баат во декември минатата година, сириската воена оперативна администрација денес го објави назначувањето на Ахмед ал Шара за преоден претседател на земјата, укинувањето на Уставот од 2012 година и распуштањето на Парламентот, армијата и безбедносните агенции на поранешниот режим.
Дополнително, сите воени фракции, како и револуционерните политички и граѓански тела, ќе бидат распуштени и интегрирани во државните институции, се вели во соопштението со кое се прогласува „Победа на револуцијата“, јави државната новинска агенција САНА.
Се распуштаат и владејачката партија Баат од времето на Асад и Националниот прогресивен фронт, заедно со сите поврзани организации, институции и комисии, со забрана за нивно реформирање под кое било име.
Администрацијата, исто така, го овласти Ал Шара да формира привремен законодавен совет што ќе го надгледува раководењето додека не се донесе и имплементира постојан Устав.