Амнести интернешнл објави дека израелските сили започнале бран на брутално насилство врз Палестинците во окупираниот Западен Брег во последните четири месеци, користејќи незаконска смртоносна сила и покажувајќи „ужасно“ непочитување на животите на Палестинците.
Во соопштението на организацијата со седиште во Лондон се наведува дека додека очите на светот се свртени кон Газа, израелските сили започнале бран на брутално насилство врз Палестинците во окупираниот Западне Брег, користејќи смртоносна сила непотребно или несразмерно во текот на протестите и рациите.
Се истакнува дека израелските сили одбиле да им укажат лекарска помош на повредените, а организацијата истражувала четири симболични случаи во кои израелските сили употребиле недозволена смртоносна сила и ги разгледала релевантните фотографии и снимки.
„Истрагата на Амнести интернешнл, исто така, откри дека израелските сили ја блокирале медицинската помош за ранетите со повреди опасни по живот и ги напаѓале оние што се обидувале да им помогнат на повредените Палестинци, вклучително и медицинските лица“, соопштија од Амнести интернешнл.
Се нагласува дека во последните неколку месеци Израел ги засилил смртоносните напади на Западниот Брег, при што тензиите го достигнале својот врв. Се додава дека во еден од неодамнешните инциденти израелските сили извршиле напад облечени како медицински персонал.
Споделени се податоци дека најмалку 507 Палестинци, вклучително и 81 дете, се убиени на Западниот Брег минатата година и се истакнува дека станува збор за „најсмртоносната година за Палестинците“ од почетокот на работата на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарната помош (OCHA).