Австрија ја продолжи граничната контрола со Словенија и Унгарија за уште шест месеци. Ваква гранична контрола на државната граница австриски полицајци ќе вршат најмалку до 11 мај следната година, соопшти МВР во Виена.
„Контролите на границите се и остануваат одлучувачки елемент во борбата против илегалната миграција“, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер по повод продолжувањето на контролите на границата со Словенија и Унгарија.
Според министерот, граничните контроли се исто така „важна алатка на полицијата во борбата против трговијата со луѓе и злоупотребата на азил, а во сегашната ситуација важна мерка во борбата против тероризмот“, наведоа на веб-страницата на австриското Министерството за внатрешни работи.
„Сè додека заштитата на надворешните граници не функционира и шенгенскиот систем не биде поефикасен, оваа мерка ќе биде неопходна“, додаде Карнер.
Како што потсети, покрај Австрија, внатрешните граници ги контролираат Германија, Данска, Франција, Италија, Норвешка, Шведска и Словенија. На 9 декември, Холандија воведува гранични контроли со Белгија и Германија.
Австрија воведе гранични контроли со Словенија и Унгарија во 2015 година, во екот на бегалската криза. Оттогаш, мерката се продолжува на секои шест месеци.
На крајот на октомври, поради загриженоста за илегалната миграција, Виена ги продолжи и граничните контроли со Чешка и Словачка до 15 април следната година.
Словенија секогаш се противи на продолжување на австриската контрола, а Европската комисија постојано нагласува дека контролата мора да биде последно средство.