Американскиот претседател Џо Бајден за време на неговото обраќање за состојбата на Унијата ќе објави дека ја упатил војската на итна мисија да основа пристаниште во Појасот Газа за прием на хуманитарна помош во палестинската енклава, пренесуваат американски официјални лица.
Пристаништето може да прими големи бродови кои носат храна, вода, лекови и привремени засолништа, изјави висок функционер за време на брифингот. САД ќе работат во партнерство со истомисленици и хуманитарни партнери, рече друг официјален претставник.
Пристаништето е привремено и ќе обезбеди капацитет за стотици дополнителни камиони со помош.
„Ќе се координираме со Израелците за безбедносните барања на копно и ќе работиме со ОН и хуманитарните невладини организации за дистрибуција на помош во Газа“, рече претставникот.
САД не планираат операција за која би биле потребни американски војници на теренот.
Официјалниот претставник рече дека САД сакаат да видат привремен прекин на огнот за да се задоволат итните потреби на цивилното население во Газа и да им овозможат на хуманитарните партнери безбедно да дистрибуираат помош за спасување низ целата енклава.
„Патот до прекин на огнот е јасен. Денеска може да има најмалку шестнеделен прекин на огнот доколку Хамас се согласи да ослободи дефинирана категорија ранливи заложници, вклучувајќи жени, постари, болни и ранети“, открива официјален извор од САД.
САД од минатата недела извршија три воздушни исфрлања на хуманитарна помош во Газа.