Најмалку уште 33 Палестинци загинаа, а 57 се повредени во израелските напади врз Појасот Газа во последните 24 часа, соопшти денес Министерството за здравство на енклавата.
„Израелската окупација (сили) во текот на изминатите 24 часа изврши четири масакри врз семејства во Појасот Газа, оставајќи 33 загинати и 57 повредени“, истакна Министерството.
„Многу тела сè уште се под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да дојдат до нив“, се додава.
Непочитувајќи ја привремената пресуда на Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжува со нападите врз Појасот Газа каде што според палестинските здравствени власти од 7 октомври 2023 година досега загинати се најмалку 34.568 Палестинци, главно жени и деца, а 77.765 се повредени.
Израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според податоците на Обединетите нации (ОН).
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.