И покрај предизвиците, Блинкен рече дека САД успеале да го придвижат процесот напред и сега се „на работ“ на постигнување договор / Photo: AA

Американскиот државен секретар во заминување Антони Блинкен изјави дека прекинот на огнот во Газа можел да се постигне порано.

Одговарајќи на прашање за време на гостувањето на Си-Ен-Ен за тоа дали договорот, доколку беше постигнат порано, можеше да спаси многу животи, Блинкен рече:

„Дали ова требаше да се случи пред неколку месеци? Да. Дали можеше да се случи пред неколку месеци? Да“.

Тој додаде дека Израел и Хамас носат одлуки кои ја комплицираат ситуацијата, но нагласи дека „пред се тоа бил Хамас“, кој, како што го опиша, одби да се вклучи во последните месеци.

И покрај предизвиците, Блинкен рече дека САД успеале да го придвижат процесот напред и сега се „на работ“ на постигнување договор.

Катарскиот премиер доцна синоќа објави дека посредничките напори на Доха, Каиро и Вашингтон резултирале со договор меѓу Израел и Хамас.

Договорот, кој се очекува да се спроведува во три фази почнувајќи од недела, беше одобрен од Хамас во средата.

Договорот вклучува ослободување на израелските заложници во Газа и палестинските затвореници, како и спроведување на прекин на огнот во Газа.

Израел го одложи гласањето во Кабинетот за договорот во четвртокот, велејќи дека Хамас прекршил делови од договорот.

Претседавачот на Палестинската народна иницијатива Мустафа Баргути изјави за Си-Ен-Ен дека верува оти ќе се постигне договор за прекин на огнот, но не ја потценува можноста израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го „потоне договорот“ како што тоа го направи четири пати досега.

„Но овој пат тој многу добро знае дека ако сака да го запре овој договор, ќе се соочи со американскиот претседател Доналд Трамп“, рече Баргути.


TRT Balkan / агенции
Популарни