Шест вработени во УНРВА се меѓу жртвите на израелскиот напад, вклучувајќи го и шефот на засолништето на УНРВА во тоа подрачје / Photo: AA

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика, Жосеп Борел, денес ја изрази својата огорченост по убиството на шестмина хуманитарни работници во израелското бомбардирање на училиште со кое управуваат Обединетите нации (ОН) во Газа, јавува Анадолу.

Најмалку 18 луѓе се убиени вчера во два израелски напади на училиштето „Ал-Џауни“, во кое се засолниле 12.000 протерани цивили, во бегалскиот камп Нусејрат, објавија локалните власти за здравство.

Во соопштението се наведува дека 6 вработени на Агенцијата на Обединетите нации (ОН) за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) биле меѓу жртвите на израелскиот напад, вклучувајќи го и шефот на засолништето на УНРВА во тоа подрачје.

Жозеп Борел на социјалната мрежа Х потсети дека Израел извршил пет напади врз училиштето во Нусејрат, кое им дава заштита на раселените лица.

Тој нагласи дека како меѓународна заедница не можат и не смеат да го прифатат непочитувањето на основните начела на меѓународното хуманитарно право од страна на Израел, особено околу заштитата на цивилите.

Израел систематски спроведува брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници во текот на актуелната офанзива врз Појасот Газа што ја започна на 7 октомври.

Според правилата на војување, гаѓањето такви цивилни објекти може да претставува воено злосторство.

Минатиот месец најмалку 100 луѓе се убиени, а десетици беа повредени во израелскиот напад на училиштето „Ал Табаен“ во кое беа засолнети повеќе од 6.000 раселени лица.

Израел ја продолжува својата брутална офанзива врз Појасот Газа од октомври минатата година и покрај резолуцијата на ОН со која се бара итен прекин на огнот.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

Повеќе од 41.000 лица се убиени, главно жени и деца, а над 95.100 се повредени во израелските бомбардирања и гранатирања, објавија палестинските здравствени власти.

AA
Популарни