Безбедноста и заштитата на цивилите не е само морална, туку и законска обврска, нагласи Борел / Photo: AA

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел во средата изјави дека е шокиран од големиот број жртви предизвикани од израелските воздушни напади врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа.

„Покрај јасната позиција на Европскиот совет дека Израел има право да се брани во согласност со меѓународното хуманитарно право и обезбедува заштита на сите цивили, згрозен сум од големиот број жртви по израелското бомбардирање на бегалскиот камп Џабалија“, објави Борел на социјалните мрежи.

Тој нагласи дека „правото на самоодбрана секогаш треба да биде избалансирано со обврската да се поштедат цивилите во најголема можна мера“, рече Борел.

Тој посочи дека ЕУ од минатата недела повикува на хуманитарни коридори и прекин на огнот за хуманитарни потреби.

„Безбедноста и заштитата на цивилите не е само морална, туку и законска обврска“, нагласи тој.

Министерството за здравство во Газа соопшти дека во вчерашниот напад на израелските сили врз бегалскиот камп Џабалија загинале околу 100 лица.

Израелската војска оваа недела ги прошири воздушните и копнените напади врз Појасот Газа, кој е под воздушни напади откако палестинската група Хамас започна ненадејна офанзива против Израел на 7. октомври.

Оттогаш, според Министерството за здравство во блокираната енклава, во израелските напади во Појасот Газа загинале 8.796 Палестинци, меѓу кои 3.648 деца и 2.290 жени. Повредени се 22.219 лица.

AA
Популарни