Поранешниот британски премиер Борис Џонсон се повлече од трката за лидерската позиција во Конзервативната партија.
Џонсон истакна дека ги водел конзервативците до огромна изборна победа во 2019 година и поради тоа сметал дека е токму навреме поставен да спречи општи избори, за кои рече дека би биле „катастрофално одвлекување на вниманието“ за Владата, која, како што нагласи, треба да се фокусира на економските притисоци со кои се соочува земјата.
„Верувам дека сум добро позициониран да им донесам победа на конзервативците во 2024 година - и вечерва можам да потврдам дека го надминав многу високиот праг од 102 номинации, и би можел да ја поднесам мојата кандидатура утре“, рече Џонсон.
„Постојат многу добри шанси да бидам успешен на изборите на членовите на Конзервативната партија - и би можел да се вратам во Даунинг стрит во петок“, продолжи тој.
„Но, во текот на последните денови, за жал, дојдов до заклучок дека тоа едноставно не би било вистинската работа. Не можете ефективно да владеете доколку немате обединета партија во Парламентот“, нагласи Џонсон.
Џонсон рече дека контактирал со ривалите за лидерската позиција Риши Сунак и Пени Мордаунт „бидејќи се надевав дека можеме да се здружиме во интерес на нацијата.“
„За жал, не успеавме да најдеме начин да го направиме тоа“, рече Џонсон. „Затоа, се плашам дека најдоброто нешто е да ја повлечам мојата номинација и да му ја давам мојата поддршка на кој ѝ да победи“.
„Верувам дека имам многу што да понудам, но се плашам дека ова едноставно не е вистинското време“, додаде Џонсон.
Сунак, поранешен челник на Министерството за финансии, и Мордаунт, лидерка на Долниот дом, обајцата ги објавија своите кандидатури за лидерската позиција, иако Џонсон никогаш официјално не ја објави.
Сунак веќе го помина прагот за номинација од 100 пратеници за да се пласира во следниот круг, додека Мордаунт се бореше да привлече доволна поддршка.
Предложената кандидатура на Џонсон откри остри поделби во владејачката Конзервативна партија, при што одредени пратеници – и неколку поранешни и сегашни министри од Кабинетот - ентузијастички го охрабрија да се кандидира, а други се заканија дека целосно ќе се повлечат од партијата ако го стори тоа.
Џонсон беше сменет од неговите пратеници пред само шест недели по низа скандали, вклучително и прогласување за виновен за кршење на сопствените правила за карантин против Ковид-19.
Во текот на неделата, ривалските табори изразија сомнежи за тврдењето на Џонсон дека има толку пратеници кои го поддржуваат.
Ако Мордаунт денес (понеделник) до 14 часот достигне 100 пратеници, и таа и Сунак ќе влезат во вториот круг од изборите, чиј исход ќе биде објавен во петок.
Ако, за што домашните медиуми известуваат дека е можно да се случи, Сунак е единствениот кандидат што ќе го надмине прагот од 100 пратеници до денес попладне, тој автоматски ќе стане следниот лидер на Конзервативната партија и британски премиер.