Новиот министер за одбрана на Германија, Борис Писториус, положи заклетва и официјално стапи на функцијата во германската Влада.
Писториус утринава заедно со досегашната министерка за одбрана, Кристин Ламбрехт и канцеларот Олаф Шолц ја посети палатата Белви и од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер го презеде декретот за именувањето на новата функција.
Потоа во Бундестагот положи и свечена заклетва со што официјално стана новиот германски министер за одбрана.
Штајнмаер на церемонијата истакна дека рускиот напад на Украина им донел страдање на милиони луѓе и ја загрозил безбедноста на цела Европа.
Тој нагласи дека е многу важно германската војска да биде спремна за одвраќање и одбрана во амбиент на закани и геополитички промени.
„Како силна држава во средината на Европа имаме одговорност не само кон себе, туку и кон другите. Не сме сами, ние сме во сојуз со партнерите. Овие партнери мора и ќе ни веруваат“, рече Штајнмаер.
Наведувајќи дека Писториус го презема Министерството за одбрана во услови на закани и опасности каква што Германија не познавала долго време, Штајнмаер рече дека на Берлин му е потребен мирен ум, силна администрација, јасен јазик и политичко искуство за сите идни предизвици и потребни реформи.
Штајнмаер истакна дека Писториус го поседува сето тоа, што го покажал во текот на своите десет години на функцијата министер за внатрешни работи во покраината Долна Саксонија и на други тешки политички должности.
Писториус ќе биде пречекан со воени почести во Министерството за одбрана, а потоа ќе се сретне со американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин.
Неговата претходничка Кристин Ламбрехт на 16 јануари поднесе оставка до канцеларот Шолц, а на 17 јануари беше соопштено дека Борис Писториус ќе биде новиот министер за одбрана.