Рускиот претседател Владимир Путин можно е да се подготвува за долга војна во Украина, изјави германскиот министер за одбрана, Борис Писториус.
Во обраќањето во Федералната академија за безбедносна политика (BAKS), Писториус рече дека не гледа индиции дека Русија е заинтересирана за дипломатски разговори за ставање крај на војната.
„Не гледам никакви знаци за тоа, и ми се чини дека тој се подготвува да може да се води оваа војна многу, многу години“, рече германскиот министер.
Тој повтори дека Германија ќе продолжи да ѝ испорачува оружје на Украина за да му помогне на Киев да ја одбрани сопствената територија.
Писториус нагласи дека германските вооружени системи, како што се противвоздушните тенкови „Гепард“, досега биле ефективни и спасиле многу животи во земјата.
Но, тој говореше претпазливо за барањето на Украина за ракетите со долг дострел „Таурус“.
„Одлуката сè уште не е донесена“, рече Писториус и додаде дека ќе го поддржи ставот на канцеларот Олаф Шолц за ова.
Додаде дека треба да носат внимателни одлуки за такви работи.
„Мораме да ги процениме овие можности споредувајќи ги со нашите национални интереси. Затоа што се заколнавме дека ќе го заштитиме германскиот народ, а тоа доаѓа на прво место“, посочи тој.
И покрај растечкиот притисок од Украина, Шолц досега беше претпазлив во однос на испораката на ракетите „Таурус“, плашејќи се дека може да се искористат за напад на цели во Русија и да ја направат Германија страна во конфликтот.
Од почетокот на војната во февруари 2022 година, Германија има обезбедени 22 милијарди евра финансиска поддршка за Украина, од кои 12 милијарди евра се воена помош.
Воената помош вклучува напредно оружје и опрема како што се борбените тенкови „Леопард 2“, противвоздушните тенкови „Гепард“, борбените возила „Мардер“ и системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ и ИРИС-Т.