Езерото Урмиа во северозападен Иран некогаш беше најголемо езеро со солена вода на Блискиот Исток и шесто по големина на земјата. Лулката на животот за милиони луѓе, птици и други животни сега изумира.
Надлежните за вонредни ситуации на провинцијата Западен Азербејџан уште на 14 јули предупредија дека 95 проценти од водата во езерото пресушила. Веќе две децении, секоја година се губеа по 40 сантиметри од нивото на водата.
Иако властите пресушувањето на езерото го припишуват на климатските промени и сушите во Иран, сепак постојат научни докази за тоа дека главни причини за еколошката трагедија се системите за развој на водните ресурси, несоодветните земјоделски активности и експлоатацијата на водата.
Лошиот кризен менаџмент од страна на владата беше причина за многу протести низ државата. Полицијата уапси најмалку 16 луѓе во иранската провинција Западен Азербејџан кои протестираа барајќи владата да преземе мерки поради она што се случува со езерото Урмиа кое локалното население го нарекува тиркизен дијамант на Азербејџан.
Ова езеро во минатото служело како станица на птиците преселници и како терапевтска бања за туристите кои ја користеле неговата топла, солена вода.
Голема е веројатноста дека ќе изумре езерото каде со археолошки ископувања се пронајдени суштества и артефакти кои датираат од третиот век пред новата ера.
Создавање воден банкрот
Кавеџ Мадани глобално познат експерт за животна средина и професор на Институтот за далечинско истражување на системите на земјата при Универзитетот Њујорк неколку години беше вклучен во истражувањето на причините за она што му се случува на езерото Урмиа.
Опкружен со Узбекистан и Казакстан, сливот на Аралското езеро кое во најголема мера пресуши по 2010 година ги опфаќаше поранешните советски републики Узбекистан, Таџикистан, Киргистан, Казахстан како и Авганистан и Иран.
„Советските лидери сметаа дека треба да ја користат водата за поголем развој и производство на памук, зголемување на земјоделските активности, вработување и други потреби. Како резултат на тоа го намалија дотокот во езерото и тоа пресуши. Ова создаде прашина и задравствени проблеми (за луѓето кои живеат во близина на езерото). Светот долго се обидуваше да помогне во обновувањето на тоа езеро, но тоа беше речиси невозможно”, изјави Мадани.
Тој истакнува дека езерото губи вода за време на испарувањето секоја година, а за тоа да се случи треба одредена количина на вода да се слее во езерото. Приливот во езерото се обезбедува преку реките.
„Ако го пресечете дотокот во езерото, а испарувањето продолжи, езерото ќе пресуши“, вели Мадани.
Според Мадани владата и локалните претпријатија го намалиле дотокот во езерото поради употреба на водата за одгледување храна, за земјоделието, снабдување со вода на градовите и индустријата...
„За да го направат тоа ги проширија мрежите за наводнување и изградија повеќе брани и ја зголемија потрошувачката на вода”, вели Мадани.
Еден од катализаторите на сериозните еколошки предизвици во Иран беше прекумерната изградба на брани за кои властите тврдат дека е показател за индустрискиот раст на нацијата неопходен за решавање на проблемот со недостаток на вода во сушните сезони. Но оваа пракса имаше страшни резултати, а 74 проценти од браните изградени во сливот на езерото Урмиа го забрзаа неговото пресушување.
„Изградбата на браните стана симбол на развојот на Иран особено за време на санкциите. Изградбата на браните стана врвна мисија и начин да се отстрани чувството на несигурност. Кога ќе доделите пари за градежни објекти на почетокот сите се среќни, ја поттикнувате локалната економија и создавате многу можности за вработување и многу луѓе се среќни со изградбата на браните. Негативните резултати доаѓаат на долг рок. Недостатокот на транспарентност и корупција и други фактори ја влошуваат ситуацијата, а краткорочното планирање и понатаму е начинот на кој Иран управува со системот. Се размислува само за опстанок, не за долгорочните национални интереси”, смета Мадани.
Иранската официјална работна група за обнова на езерото Урмиа е основана во 2013 година. Таа треба да одговори на барањата за обнова.
Буџетот кој првично е ветен за Програмата за обнова на езерото Урмиа беше огромни 7 милијарди долари. Минатата година беше објавена информација дека биле потрошени 176 милиони долари за реанимација на загрозениот екосистем, но тоа не било постигнато иако се работеше за програма во која бил вклучен и најдобриот Технолошки универзитет во Иран.
„Беа вклучени повеќе од 600 истражувачи вклучувајќи и непристрасни истражувачи. Иранците и натаму мислеа дека можат нешто да преземат. Не се откажаа лесно”, изјави Мадани.
Сепак иницијативата не успеала поради недостаток на политички капитал.
„Системот е дизајниран да им даде големи овластувања, но на крајот немаа такви овластувања. Тие не беа тело кое носи одлуки, туку советодавно тело. Не беа во можност да добијат извештај од Министерството за енергетика барајќи од него навремено задоволување на еколошките потреби. Сепак не постоеја политички носители на одлуки кои беа подготвени да платат висока политичка цена за спроведување големи реформи”, вели Мадани.
Се чини дека езерото Урмиа и покрај честите повици не е на врвот на приоритети на претседателот Ибрахим Раиси. Времето ќе покаже дали овој меѓународно познат екосистем може да преживее суша, системско запоставување и лошо управување. Експертите велат дека неговата отпорност нема да биде неограничена.