Бугарија и Франција се договорија да ги истражат можностите за соработка во областа на нуклеарната енергија и одбраната.
Договорот е постигнат за време на средбата меѓу бугарскиот премиер Николај Денков и француската државна секретарка за европски прашања, Лоренс Бун, која е во посета на државата, јави државната новинска агенција „БТА“.
Бугарија веќе потпиша договор со француската компанија „Фраматоме“ за испорака на нуклеарно гориво за нуклеарната централа „Козлодуј“, соопшти новинската агенција, додавајќи дека и Франција е заинтересирана за учество во проектот за два нови реактора во централата.
Франција е заинтересирана за проекти за модернизација на бугарската армија, за кои француските компании дадоа понуди за снабдување со технолошка опрема, објави медиумот.
Франција, исто така, изрази поддршка за главните надворешнополитички приоритети на Бугарија, вклучително и пристапувањето во Шенген зоната, Еврозоната и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).