Бундестагот, долниот дом на германскиот парламент, тесно го поддржа необврзувачкиот предлог на лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, да се одбијат барателите на азил на германските граници.
Предлогот на ЦДУ доби поддршка од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
Членовите на Долниот дом на германскиот парламент денеска гласаа за необврзувачка резолуција со која се повикува владата да ја ограничи миграцијата и да ги одврати барателите на азил на границите на Германија.
Предлогот ја повикува владата да ги отфрли „обидите за илегален влез во земјата без исклучок“ со воспоставување постојани гранични контроли и итно приведување на лица кои треба да ја напуштат Германија.
За предлогот гласаа 348 пратеници, против 345, а воздржани 10. За време на дебатата, поддршката ја најавија претставниците на ЦДУ/ЦСУ, либералите (ФДП) и АфД, како и некои независни претставници.
Унијата Сахра Вагенкнехт (БСВ) објави дека ќе се воздржи од гласање. Против беа Социјалдемократите (СПД), Зелените и левицата.
Бундестагот го отфрли вториот предлог на конзервативната алијанса ЦДУ/ЦСУ за заострување на миграциската политика, што ќе им даде дополнителни овластувања на безбедносните власти. За гласаа 190 пратеници, против 509, а тројца беа воздржани.
За време на дебатата, претставниците на СПД, Зелените, левицата, БСВ, АфД и ФДП се изјаснија против предлогот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ.
„Правото на азил е составен дел на германскиот правен систем и вредности“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, кој ги критикуваше предлозите на лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, со кои, меѓу другото, се предвидува и одбивање на бегалците без соодветни документи.
„Не смееме да го нарушиме ова“, нагласи Шолц во говорот во Бундестагот во врска со правото на азил, додавајќи дека Германија има и историска одговорност во овој поглед поради своето нацистичко минато.
„Во тоа време германските и европските Евреи беа отфрлани на странските граници“, нагласи Шолц.