Организацијата „Лекари без граници“ (МСФ) соопшти дека член на нивниот тим за итни случаи бил застрелан во Гома, град во источниот дел на Демократска Република Конго, кој оваа недела беше заземен од бунтовниците на М23 по жестоки судири.
„Со голема тага соопштуваме дека наш колега, кој работеше со тимот за итни случаи на МСФ, беше убиен од залутан куршум“, изјави Наталија Торент, програмска менаџерка на организацијата во Гома.
Торент ја истакна веројатноста дека ќе има „вакви несреќни инциденти“ и во иднина, изразувајќи жалење за загубата.
И покрај тоа што сѐ уште има конфликти на некои места, ситуацијата со безбедноста се стабилизира, додаде Торент.
Таа нагласи дека половина од 142 повредени лица, кои се лекувани од медицински работници во болницата „Кјешеро“, се цивили, главно жени, а другите се воени лица.
„Гома е главен снабдувачки центар. Во моментов немаме можност да се движиме надвор од Гома, па затоа не може да доставиме медицински материјали или гориво“, додаде Торент.
Медицинската хуманитарна организација претходно соопшти дека болницата во Гома е преполна со повредени лица што ги лекува нејзиниот персонал.
Бунтовниците на М23 ја презедоа контролата врз Гома по судирите во кои, според извештаите, загинаа повеќе од 100 лица, меѓу кои и 17 мировници.
Конго и други држави ја обвинуваат Руанда за поддршка на бунтовниците, но властите на оваа земја ги отфрлаат обвинувањата.
Илјадници луѓе се раселени поради конфликтот, а многумина побегнаа во Руанда, вклучително и вработени во меѓународни организации, како ОН и Светската банка.
Оваа офанзива претставува голема ескалација во проблематичниот источен регион на ДР Конго. Бунтовниците на М23, една од вооружените групи што се борат за контрола во регионот богат со минерали, повторно се појавија во 2022 година.