RT Russia / Photo: Reuters

Компанијата Мета која управува со социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм откри дека воведува забрана за профилите на руските државни медиуми меѓу кои Раша Тудеј, Росија Сегодња и други.

„По внимателно разгледување, го проширивме нашето тековно спроведување против руските државни медиуми и други поврзани субјекти кои сега се забранети од нашите апликации на глобално ниво поради активности на мешање во други држави“, се вели во соопштението.

Потегот уследи откако американскиот државен секретар Антони Блинкен во петокот објави нови санкции против руската државна медиумска компанија РТ, тврдејќи дека поседува сајбер способности и е ангажирана во „операции со тајно влијание на информации и воени набавки“.

„Денес откриваме како Русија применува слични тактики низ светот“, рече Блинкен.

„Руското користење на дезинформациите како оружје за поткопување општествата и поларизирање се протега на секој дел од светот“, додаде тој.

Претходно овој месец, американските власти го открија обвинението против двајца вработени во руската телевизија РТ и запленија 32 интернет домени под обвинение за мешање во ноемвриските претседателски избори.

Русија негираше какви било обиди за мешање во изборите, отфрлајќи ги обвиненијата.

AA
Популарни