Терористичката организација ДАЕШ ја презеде одговорноста за вчерашните напади во Керман, Иран, во кои загинаа 84 лица.
Во соопштението објавено на профилите на Телеграм поврзани со терористичката организација, се наведува дека терористичките напади во Иран се „самоубиствен чин“.
Во соопштението се наведува дека „повеќе од 300 мртви и повредени биле цел на нападот што го извршија двајца бомбаши самоубијци во близина на гробот на иранскиот генерал Касим Сулејмани во Керман“.
Најмалку две силни експлозии одекнаа вчера на патот што води до гробот на иранскиот врвен генерал Касим Сулејмани, каде се одржа комеморација по повод четвртата годишнина од атентатот на командантот на елитната единица на Иранската револуционерна гарда, кој беше убиена во напад на американски дрон во Багдад, во јануари 2020 година.
Илјадници луѓе се собраа да ја прослават годишнината.
Според последните податоци, во нападите загинале 84 лица, а 284 се повредени.
Претходно иранската новинска агенција ИРНА објави дека експлозиите во близина на гробот на Сулејмани биле предизвикани од самоубиствен напад.
Неименуван претставник за ИРНА изјави дека во истрагата спроведена на местото на терористичките напади било утврдено дека првата експлозија дефинитивно била резултат на напад на бомбаш самоубиец.
Потврдено е дека се испитани сите докази, вклучително и безбедносните камери.
„Бомбашот самоубиец во првиот случај бил човек чие тело било целосно уништено од експлозијата. Идентитетот на бомбашот самоубиец се утврдува“, изјави истиот извор.