Гутереш е во посета на Брисел за да присуствува на Самитот на европските лидери што ќе се одржи на 21 и 22 март / Photo: AA

Претседателката на Комисијата на Европската Унија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш предупредија дека населението во блокираниот палестински Појас Газа се соочува со глад и повикаа на реакција.

Фон дер Лајен се состана со Гутереш, кој е во посета на Брисел за да присуствува на Самитот на европските лидери што ќе се одржи на 21 и 22 март.

Пред почетокот на средбата Фон дер Лајен и Гутереш им кажаа на новинарите дека ќе разговараат за ситуацијата во Газа и во Украина.

„Ние сме крајно загрижени поради војната во Газа и катастрофалната хуманитарна ситуација што се појави. Газа се соочува со глад. Ова е неприфатливо. Од клучно значење е сега брзо да се договориме за прекин на огнот што ќе ги ослободи заробениците и ќе овозможи да стигне поголема хуманитарна помош во Газа“, рече Фон дер Лајен.

Таа, исто така, истакна дека е многу загрижена поради опасноста од израелски напад од големи размери врз Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа.

Фон дер Лајен додаде дека ЕУ прави сѐ за да достави поголема помош во Газа и посочи дека во меѓувреме треба да се извршат и подготовки за дводржавно решение.

Челникот на ОН, Гутереш, исто така, рече дека се минува низ мрачен период кога улогата на Европа на глобалната сцена е поважна од кога било.

Укажувајќи дека меѓународното право и Повелбата на ОН се игнорирани во војната што се води во Украина повеќе од две години, Гутереш рече дека и во Газа има војна.

„Додека трае војната во Газа, ништо не може да ги оправда грозоморните акции на Хамас на 7 октомври. Ништо не може да го оправда колективното казнување на палестинскиот народ. Денес повеќе од половина од населението, или повеќе од еден милион луѓе, се соочува со катастрофален глад. Мора да дејствуваме сега пред да биде предоцна. Ги повикувам израелските власти да дозволат целосен и неограничен пристап до резервите на хуманитарна помош низ Газа, а меѓународната заедница целосно да ги поддржи нашите хуманитарни напори“, рече Гутереш.

AA
Популарни