Десетици илјади Палестинци кои живеат во бегалски кампови на окупираниот Западен Брег ги напуштија своите домови по еднонеделната израелска офанзива која униши домови и витална инфраструктура во областа, објавија денеска палестинските власти.
Израелските сили почнаа операција во бегалскиот камп во градот Џенин на Западниот брег на 21 јануари, распоредувајќи стотици војници и булдожери за да уриваат домови и да ископаат патишта, протерајќи ги речиси сите жители на кампот, соопштија палестинските власти.
Операцијата во која загинаа повеќе од 55 Палестинци подоцна беше проширена и во други кампови, како што се Тулкарм и Нур Шамс, кои исто така беа уништени.
Овие кампови во неколку наврати беа цел на израелската војска, но последната операција, која започна по постигнатиот договор за прекин на огнот во Газа, е од невообичаено големи размер.
Според палестинските власти, околу 17.000 луѓе сега го напуштиле кампот Џенин, додека 6.000 жители го напуштиле Нур Шамс, а 10.000 жители го напуштиле Тулкарм.
Поради израелските операции, беше прекинато и снабдувањето со вода и електрична енергија во камповите, но армијата негираше дека ги принудила жителите да ги напуштат своите домови.
„Луѓето очигледно имаат опција да заминат ако сакаат, но ако не, им е дозволено да останат“, изјави официјален претставник на израелската армија Надав Шошани.
Израелската армија во вторникот урна седум палестински домови во Кафр ал-Дик, западно од градот Салфит, и срамнија куќа за наводно немање градежна дозвола, рекоа очевидци.
Уште шест куќи се урнати во областа Масафер Јата во близина на Хеброн на јужниот Западен Брег поради недостиг на градежни дозволи, изјави локалниот активист Фуад ал Амур.
Според официјалните податоци, израелската армија уништила 126 палестински објекти на Западниот Брег минатиот месец, вклучувајќи 74 домови и 29 земјоделски објекти.
Израел нашироко го користи недостатокот на градежни дозволи како изговор за уривање на палестинските домови на окупираниот Западен Брег, особено во областа „Ц“ на окупираниот Западен Брег, која сочинува околу 60 отсто од неговата површина.
Според Договорот од Осло од 1995 година меѓу Израел и Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, беше поделен на три дела - области „А“, „Б“ и „Ц“.
Областа „Ц“ е под израелска административна и безбедносна контрола додека не се постигне договор за конечниот статус со Палестинците.
Тензиите се зголемуваат низ окупираниот Западен Брег, каде што најмалку 916 Палестинци се убиени, а речиси 7.000 се повредени во нападите на израелската војска и илегалните доселеници од почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година, според Министерството за здравство.