Двајца работници од Кина загинаа, а најмалку осум лица се повредени, во терористички напад пред аеродромот во градот Карачи на југот на Пакистан, соопшти денеска пакистанската полиција.
Пакистанската сепаратистичка група Ослободителна војска на Балуџистан (БАЛ) ја презеде одговорноста за експлозијата врз конвојот со кој се превезувале кинески инженери и работници од електро-енергетска компанија.
Полицијата и провинциската влада соопштија дека БАЛ со возило со импровизирани експлозивни направи удрило во танкер со нафта во близина на најголемиот пакистански аеродром“.
На видеата може да се видат запалени автомобили, од местото на експлозијата се издига густ чад и голем број припадници на пакистанската армија.
Во соопштението на кинеската амбасада беше потврдено дека околу 23 часот по локално време бил нападнат конвојот, кој ги превезувал кинеските работници од Електрик Пауер Лимитед и дека во нападот загинале двајца Кинези,а еден е повреден, како и неколку Пакистанци.
Се наведува дека експлозијата била „терористички напад“ и дека Кина соработува со Пакистан во справувањето со последиците од нападот, а истовремено ги повикува пакистанските власти да спроведат темелна истрага за да ги казнат сторителите.
„Кинеската амбасада и генералниот конзулат во Пакистан силно го осудуваат овој терористички напад и изразуваат длабоко сочувство за невините жртви од двете земји“, се вели во соопштението на кинеската дипломатска мисија во Пакистан.
Илјадници кинески работници работат во Пакистан, а повеќето од нив се ангажирани на работни места во рамките на кинеската иницијатива „Појас и пат“ и во изградба на големи инфраструктурни проекти.
Сепаратистичките бунтовници во Белуџистан бараат независност и ја обвинуваат федералната влада за неправедно искористување на богатите наоѓалишта на нафта и минерали на штета на локалното население.