Двајца вработени во Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) се убиени во Либан по израелското гранатирање на земјата, соопшти денеска високиот комесар Филипо Гранди.
„Израелските воздушни напади во Либан сега безмилосно ги одземаат животите на стотици цивили. И со голема тага потврдувам дека вчера беа убиени и двајца колеги од УНХЦР. Во име на сите нас во УНХЦР, нашето искрено сочувство до нивните семејства , пријатели и колеги“, напиша Гранди на платформата Икс.
Дина Дарвиче, од канцеларијата во Бека во источен Либан, загина кога израелски проектил ја погоди зградата во која таа престојуваше во понеделникот, соопшти УНХЦР.
Во понеделникот, исто така, беше потврдено дека Али Басма, кој работел во канцеларијата на УНХЦР во Тир во јужен Либан, е убиен, додава агенцијата.
Претходно денеска, УНХЦР најави зголемување на хуманитарната помош за Либан и повика на прекин на бомбардирањето.
Високиот комесар на ОН за човекови права Вокер Турк денеска ги повика сите оние кои имаат влијание на Блискиот Исток да се обидат да спречат понатамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах, изразувајќи загриженост за опасното зголемување на тензиите.
Ројтерс пренесува, цитирајќи официјален претставник на Светската здравствена организација, дека некои болници во Либан се преполни со тела на убиените и ранетите во минатонеделните детонации на пејџери и воки-токи во кои загинаа десетици, а беа повредени илјадници луѓе.
Либанската влада, пак, најави дека до крајот на неделата ќе ги затвори сите градинки низ целата земја.
Во истиот период ќе бидат затворени и училиштата и универзитетите бидејќи во последните денови училиштата беа претворени во импровизирани засолништа за оние кои бегаат од воените зони.
Шефот на либанскиот владин план за вонредни состојби, Насер Јасин, за Би-Би-Си изјави дека 28.000 раселени лица моментално се во засолништа во државните училишта низ целата земја.
Тој додава дека голем број луѓе кои побегнале од јужен Либан престојуваат во куќи под кирија, кај пријатели или роднини.
Израелската војска во вторникот изврши три бранови воздушни напади против, како што рече, цели на Хезболах во Либан.
Либанскиот министер за здравство Фирас Абиад денеска изјави дека 558 лица загинаа во израелските воздушни напади во Либан. Меѓу жртвите има 50 деца и 95 жени, додека најмалку 1.835 луѓе се ранети, изјави Абиад на прес-конференција во Бејрут.
„Повеќето од жртвите во израелските напади од понеделникот наутро се беспомошни цивили во нивните домови“.