Инфлацијата во Германија првпат по Втората светска војна достигна двоцифрена стапка. Според статистичките податоци, инфлацијата во Германија се искачи на највисоко ниво во последните 70 години.
Потрошувачките цени се зголемија нагло во септември за 10,0 отсто во споредба со истиот месец минатата година, како што објави Статистичкиот завод на Германија (Destatis).
На тој начин властите ги потврдија прелиминарните податоци. Во август е забележана стапка на инфлација од 7,9 отсто.
Во некои сојузни покраини не е видена толку висока стапка на инфлација уште од 50-тите години од минатиот век.
Цените на енергијата во септември беа повисоки за 43,9 отсто отколку во истиот месец минатата година, покажуваат официјалните статиситчки податоци. Во август цените беа повисоки за 35,6 отсто.
Официјалните статистички податоци покажуваат дека забрзано растат и цените на храната, во септември зголемувањето беше за 18,7 отсто, а во август 16,6 отсто.
Дестатис го истакнува „забележливото“ зголемување на цените на енергијата од почетокот на војната во Украина и „надпросечното“ зголемување на цените на храната, што го поврзува со зголемувањето на цените на производителите од 22,3 проценти во прехранбениот сектор.