Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес повика на акција „како сојуз на човештвото, пред да биде предоцна муслиманите и христијаните што живеат во Палестина да најдат мир“.
Тој оствари телефонски разговор со папата Франциск, соопшти Дирекцијата за комуникации при турското Претседателство.
„Атентатот врз Исмаил Ханије, шеф на Политичкото биро на Хамас, и нападот во Либан покажуваат дека Израел претставува закана за целиот регион, светот и човештвото“, рече турскиот претседател за време на разговорот со духовниот лидер на католиците во светот.
Ердоган рече дека верува оти разговорите на папата Франциск со земјите што го поддржуваат Израел со цел да ги запре нападите и да се постигне траен мир ќе бидат од корист пред да се нанесе трајна штета на политичката, безбедносната и социјалната структура на регионот и на светот.
Тој истакна дека тековните израелски напади врз Газа се претворија во „геноцид“, додавајќи дека таму владее сериозна хуманитарна криза.
Израел ги извршува своите масакри под дипломатски, економски и воен чадор обезбедени од одредени држави, рече Ердоган.
За контроверзните сцени на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз, Ердоган рече:
„Неморалните сцени на отворањето на Олимписките игри во Париз предизвикаа гнев и реакции.“
Турскиот претседател посочи дека под превезот на слободата на изразување се гази човечкото достоинство, се исмеваат верските и моралните вредности, нагласувајќи дека тоа ги навредило муслиманите исто колку и христијанскиот свет.
Ердоган изрази уверување дека е неопходно заеднички да се крене гласот и да се заземе заеднички став во овој поглед.
Тој, исто така, рече дека непочитувањето на верските вредности за време на церемонијата на отворањето на Олимпијадата го активирало „алармот за моралниот колапс во кој се вовлекува светот“.
Папата Франциск од своја страна му се заблагодари на претседателот Ердоган за неговите напори за мир и неговата чувствителност за непочитувањето на верските вредности.