Ердоган на инаугурацијата: Започна „Векот на Туркије“ / Photo: AA

Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган во својот говор во Претседателската палата во Анкара, по повод инаугурацијата за претседател, изјави дека „Векот на Туркије“ започна и дека вратата за подем на Туркије е отворена.

„Изборите завршија на 28 мај. На гласачките кутии двапати беше покажана национална волја. „Векот на Туркије“ започна, вратата за подемот на нашата земја е отворена“, рече Ердоган, говорејќи на церемонијата на инаугурација, која присуствуваа голем број државници од целиот свет.

„Нема да ја изневериме довербата што ни ја даде нашиот народ, нашата партија и нашата алијанса, ќе продолжиме да работиме напорно и да и служиме на Туркије“, рече Ердоган и додаде: „Ќе го прегрнеме секој наш граѓанин, сите 85 милиони , без разлика на нивната политичка позиција, потекло или вера“.

Ердоган наведе дека денс на Туркије ѝ е потребно единствно и заедништво како никогаш досега.

„Денес е денот кога треба да бидеме едно, да бидеме заедно, кога треба да го зацврстиме нашето илјадагодишно братство. Денес е денот кога ја штитиме светлата иднина на нашите деца“, рече Ердоган.

Во текот на обраќањето Ердоган најави и уставни измени.

„Ќе ја зајакнеме нашата демократија со слободарски, граѓански и сеопфатен устав, ослободувајќи ја од сегашниот устав, кој беше производ на државен удар“, рече Ердоган.

Ердоган најави дека вечерва ќе го соопшти составот на новиот кабинет, а првата седница ќе биде одржава во вторник.

Тој им се заблагодари на сите претставници кои присуствуваа на инаугурацијата, меѓу кои и на претседателот на Венецуела Николас Мадуро, на претседателот на Азербејџан Илхам Алиев и на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

На церемонијата присуствуваше и македонскиот претседател Стево Пендаровски, како и бројни лидери од регионот, меѓу кои и косовската претседателка Вјоса Османи, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.

На церемонијата, покрај членовите на Претседателството на БиХ, присуствуваа и претседателот на ентитетот на Босна и Херцеговина РС Милорад Додик и претседателот на Партијата за демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ.

Ердоган денеска положи заклетва за својот трет мандат како претседател на Туркије и втор по транзицијата на земјата кон претседателски систем на управување.

На свечената седница на Големото национално собрание на Република Туркије, привремениот претседавач Девлет Бахчели на Ердоган му врачи сертификат на

Врховната изборна комисија за потврда на победата на Ердоган на претседателските избори одржани на 28 мај.

Ердоган потоа свечено положи заклетва пред говорницата на парламентот и го започна новиот претседателски мандат.

Тој потоа го посети мавзолејот на основачот и прв претседател на Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, по што зборуваше на церемонија во Претседателската палата.

Ердоган беше избран на функцијата претседател за првпат на изборите во 2014 година, а воедно е и првиот директно избран претседател на земјата.

Според официјалните резултати на турската Врховна изборна комисија, Ердоган победи во вториот круг претседателски избори што на 28 мај се одржаа во Туркије, со освоени 52,18 % гласови, додека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу освои 47,82 %.

TRT Balkan / агенции
Популарни