На средбата меѓу Ердоган и Мелони станало збор за нападите на Израел врз Газа, напорите на Туркије за хуманитарна помош и чекорите потребни за воспоставување траен мир во регионот / Photo: TUR Presidency - Murat Cetinmuhurdar

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска се сретна со италијанската премиерка Џорџа Мелони, со премиерот на Шкотска Хумза Јусаф и со неколку други светски лидери на маргините на климатскиот самит на ОН COP28 во Дубаи, соопшти турското претседателство.

На средбата меѓу Ердоган и Мелони станало збор за нападите на Израел врз Газа, напорите на Туркије за хуманитарна помош и чекорите потребни за воспоставување траен мир во регионот, се вели во соопштението на турската Дирекција за комуникации во врска со темите на средбата.

„За време на состанокот, претседателот Ердоган изјави дека хуманитарната ситуација во регионот се влошува од ден на ден и дека е од клучно значење да се преземат ефективни чекори за да се запре Израел со цел да се стави крај на смртните случаи. Нагласувајќи дека најновите случувања уште еднаш ја открија важноста од формирање независна и суверена држава Палестина во границите од 1967 година во регионот, претседателот Ердоган укажа на значењето на блиската соработка со Италија во овој поглед”, се додава во соопштението.

Ердоган и Мелони разменија мислења и за одбранбената индустрија, пристапот на Туркије во ЕУ, модернизацијата на Царинската унија и борбата против тероризмот.

Мелони повикува на нова хуманитарна пауза

Италијанската премиерка Џорџа Мелони повика на нова хуманитарна пауза и ја истакна улогата на Туркије во избегнувањето на ширење на конфликтот во остатокот од регионот, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.

„Двајцата лидери ја потврдија својата подготвеност да придонесат за безбедноста и стабилноста во оваа тешка фаза од регионот и важноста да се започне со работа кон политичко решение сега“, се додава во соопштението.

Мелони го информирала Ердоган за хуманитарната помош на Рим испратена до Газа преку Египет, особено за пристигнувањето на бродот Вулкано за лекување на малолетни пациенти од Газа и на тимот лекари кои ги поддржуваат болниците во Емирати.

“Двајцата лидери ја подвлекоа важноста од одржување тесна координација за напредокот на кризата”, се вели во соопштението.

Ердоган се сретна со узбекистанскиот колега и јапонскиот премиер

Според Дирекцијата за комунукации на маргините на самитот претседателот Ердоган разговараше и со претседателот на Узбекистан Шавкат Мирзијоев.

Лидерите разговараа за односите меѓу Туркије и Узбекистан и регионалниот развој, се вели во соопштението. Претседателот Ердоган на средбата изјави дека двете земји ќе продолжат да ја зајакнуваат соработката во сите области во наредните денови“, се вели во соопштението по средбата.

Турскиот претседател на маргините на настанот се сретна и со јапонскиот премиер Фумио Кишида, соопшти турското претседателство.

Средба со претседателот на ОАЕ

Ердоган разговараше и со претседателот на ОАЕ Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.

Теми на разговорите биле продолжувањето на израелските напади врз Газа, хуманитарната помош и мировните иницијативи на Туркије, како и за односите меѓу Туркије и ОАЕ, се вели во соопштението на Дирекцијата за комуникации на Туркије.

Ердоган рече дека Туркије прави се за да ги запре масакрите во Газа и ја нагласи потребата исламскиот свет да дејствува единствено за да го запре Израел.

Ердоган, нагласувајќи го исклучително негативното влијание од обновувањето на конфликтот, рече дека Туркије прави напори и за траен прекин на огнот и за испорака на хуманитарна помош во Газа.

Тој, исто така, го истакна потенцијалот за понатамошна соработка меѓу Туркије и ОАЕ во одбранбената индустрија, енергијата и вселенските технологии. За време на средбата, тој му честиташе на Зајед Ал Нахјан домаќинот на самитот за климата.

Изданието на климатскиот самит на ОН во 2023 година, исто така познат како COP28, собира над 180 шефови на држави и влади од целиот свет.

Конференцијата што се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), ќе продолжи до 12 декември.

TRT Balkan / агенции
Популарни