Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, вчера изјави дека следната недела ќе се состане со турски, украински и руски челници на годишниот состанок на ОН, во обид да го обнови Договорот за жито, известува Анадолу.
„Одлучен сум да сторам сѐ што е можно за повторно воспоставување на Иницијативата за црноморското жито“, изјави Гутереш за новинарите.
Гутереш не прецизираше кога точно ќе се состане со претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, украинскиот претседател Владимир Зеленски и со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
На 17 јули, Русија го прекина своето учество во Црноморската иницијатива за жито, што беше потпишана со посредство на Туркије и Обединетите нации, со цел да продолжи извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, транспорт што запре по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Москва континуирано се жали дека Западот не ги исполнил неговите обврски од Договорот и дека Русија има ограничувања за плаќањето, логистиката и сигурноста на испораките на храна и извозот на ѓубрива, додавајќи дека не се испорачува доволно украинско жито во земјите на кои им е потребно.