ГС на ОН усвои резолуција за бара итен хуманитарен прекин на огнот во Газа / Photo: AA

Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) со мнозинство гласови ја усвои нацрт-резолуцијата со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа.

Необврзувачката резолуција, која Египет ја претстави со поддршка на 100 земји, вклучувајќи ја и Туркије, усвоена е со 153 гласа „ЗА“. Инаку Генералното собрание, кое има 193 земји членки, се собра синоќа на итна посебна седница за Палестина.

Десет земји, меѓу кои САД, Израел и Австрија, гласаа против резолуцијата, додека 23, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија, Италија и Украина, беа воздржани.

Покрај барањето за прекин на огнот, во резолуцијата се изразува сериозна загриженост поради „катастрофалната хуманитарна ситуација“ во Појасот Газа и страдањето на палестинскиот народ.

Се нагласува и дека палестинското и израелското цивилно население „мора да бидат заштитени“ во согласност со меѓународното хуманитарно право, додека од сите страни се бара да се придржуваат до своите обврски кон меѓународното право, вклучувајќи го и меѓународното хуманитарно право, особено во однос на заштитата на цивилите.

Се бара моментално и безусловно ослободување на сите заложници, како и обезбедување на хуманитарниот пристап.

Во резолуцијата се повикува на целите и принципите на Повелбата на ОН и резолуцијата во врска со прашањето за Палестина.

Потсетувајќи се на сите релевантни резолуции на Советот за безбедност на ОН, констатирано е повикувањето на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на членот 99 од Повелбата на ОН за првпат откако тој ја презеде функцијата во оваа организација во 2017 година.

САД предложија амандман на резолуцијата со кој би се осудила палестинската група Хамас за нападот на Израел на 7 октомври, додека Австрија предложи појаснување дека „заложниците ги држи Хамас и други групи“. Двата предлога се одбиени.

Ова следуваше откако САД во петокот ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот за да се стави крај на тековното крвопролевање во Појасот Газа.

Резолуциите на Генералното собрание на ОН не се правно обврзувачки, но имаат политичка тежина.

TRT Balkan / агенции
Популарни