Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, рече дека земјата останува извор на безбедност за своите граѓани и пријатели и дека нема да им даде шанса за успех на оние што сакаат да го претворат регионот во море од крв, јавува Анадолу.
Ердоган ја предводеше делегацијата на Врховниот воен совет на Туркије во посета на Аниткабир, мавзолејот на основачот на Републиката, Мустафа Кемал Ататурк.
Посетата беше организирана пред почетокот на седницата на Советот, која ќе се одржи во Претседателскиот комплекс во Анкара, а турскиот претседател Ердоган напиша и порака во Книгата на впечатоци во Аниткабир.
Оддавајќи им почест на основачот на Републиката, Ататурк и на сите загинати херои што ги дадоа своите животи за независноста на Туркије, Ердоган во својата порака посочи дека земјата продолжува да се истакнува како столб на мирот и стабилноста во критичниот период во регионот кога се случуваат конфликти и политички атентати.
„Одлучни сме докрај да ги заштитиме нашата татковина, нација, државни и национални интереси со преземање на сите неопходни мерки на претпазливост против експанзионистичките амбиции што повторно се појавуваат. Нема да им дадеме шанса на оние што сакаат да го претворат нашиот регион во море од крв и ќе продолжиме да бидеме извор на доверба за нашите граѓани, како и за нашите пријатели“, рече Ердоган.