Ердоган: Работиме на 850 проекти во одбранбената индустрија / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије посветено работи на 850 различни проекти што ќе остават белег во областа на одбранбената индустрија.

Ердоган преку видеопорака се обрати на церемонијата на отворањето на 16. Меѓународен саем за одбранбена индустрија (ИДЕФ), организиран во Истанбул.

Ердоган за време на обраќањето истакна дека ИДЕФ, кој се организира од 1993 година, станал бренд од светска класа во одбранбената индустрија.

„Верувам дека нашиот саем, на кој се склучуваат милионски договори, се воспоставуваат нови партнерства и се презентираат производи од одбранбената индустрија, оваа година ќе биде уште поуспешен“; рече Ердоган.

Наведувајќи дека Туркије му придава големо значење на развојот на одбранбената индустрија и покрај големиот број пречки и сите видови ембарга, Ердоган рече:

„Фала му на Бога, почнавме да ги жнееме плодовите од нашиот национален технолошки потег, кој решително го спроведуваме со години, на различни полиња.“

Потсетувајќи дека секторот на турската одбранбена индустрија во последните години испишал успешна приказна што целиот свет ја следи со восхит, Ердоган изјави дека овој сектор ја докажал својата вредност со оклопни возила, артилерија, ракети, системи за противвоздушна одбрана и сите видови оружје и радарски системи тестирани во конфликтните зони.

Тој рече дека денес Туркије е во состојба да ги задоволи речиси сите свои потреби во копнени, воздушни и поморски возила со домашни и национални средства.

„Ние сме меѓу првите три земји во светот во технологијата на беспилотни летала и вооружени беспилотни летала. Како и една од десетте земји што произведуваат сопствени воени бродови, Туркије, исто така, е важен извозник на ова поле. Го ставивме ТЦГ 'Анадолу' во служба на нашата морнарица, кој можеме да го наречеме прв брод на кој може да слетуваат беспилотни летала. Сега нашата операција на офанзивни беспилотни летала, што ја започнавме со 'Акинџи', ја префрлуваме во сосема друга димензија со нашиот беспилотен воен авион 'Кизилем'“, нагласи Ердоган и додаде:

„Го претставивме и нашиот национален борбен авион од петта генерација, кој го нарековме 'КААН'. Процесите на производство ги спроведуваме чекор по чекор. Покрај тоа, посветено работиме на 850 различни проекти што ќе остават белег во одбранбената индустрија. Минатата година постигнавме извоз од 4,4 милијарди долари. Во првите шест месеци од годинава остваривме рекордно ниво на извоз од 2,37 милијарди долари. Наша цел во 2023 година е шест милијарди долари. Верувам дека на крајот на годината ќе го оствариме планираниот извоз, па дури и ќе ја надминеме таа бројка.“

Ердоган додаде дека за време на минатонеделната посета на земјите од Заливот, тие ги потпишале највредните договори во полето на одбранбената индустрија досега и дека се надева оти Меѓународниот саем за одбранбена индустрија (IDEF - International Defence Industry Fair) кој денес е отворен во Истанбул, дополнително ќе го подобри тоа.

TRT Balkan / агенции
Популарни