Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган изјави дека Шведска мора да го направи својот дел во борбата против терористичките организации доколку се очекува Туркије да ги исполни очекувањата на Шведска за членство во НАТО.
На враќањето во Туркије по посетата на Турската Република Северен Кипар (ТРСК) и Азербејџан, Ердоган разговараше со новинарите во авионот и го повика Стокхолм да ги спречи активностите на терористите на ПКК во Шведска на патот кон членството во НАТО.
„Самитот на НАТО ќе се одржи во Вилнус. Се надевам дека ќе присуствувам, освен ако не се случи нешто вонредно. Очекувањата на Шведска не значат дека ќе ги исполниме тие очекувања. За да ги исполниме тие очекувања, пред сè, Шведска мора да го направи својот дел“, рече Ердоган. Ердоган ги потсети новинарите дека на почетокот на јуни во Истанбул имал состанок со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и дека му ја пренел истата порака.
„Додека ние разговаравме со Столтенберг и го изнесовме својто став, во тоа време, за жал, терористите повторно демонстрираа на улиците во Шведска“, рече Ердоган. На патот кон членството во НАТО, Ердоган го повика Стокхолм да ги зајакне полициските сили за да ги спречи терористите на ПКК да делуваат во Шведска. Тој додаде дека Акиф Чагатај Килич, неговиот главен советник, денес ќе претседава со состанокот на кој ќе изнесе мислење на турскиот претседател кое е дефинитивно и дека во Вилнус не очекува ништо поинаку.
Во главниот град Анкара денеска се одржува четвртиот состанок за постојаниот заеднички механизам на Туркије, Финска, Шведска и НАТО.
Состанокот е организиран во пресрет на самитот на НАТО кој на 11 и 12 јули во литванскиот Вилнус ќе ги собере лидерите на членките на тој сојуз.
Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија ја започна војната во Украина во февруари 2022 година.
Иако Туркије го одобри членството на Финска во НАТО, таа чека Шведска да се придржува до трилатералниот меморандум потпишан минатиот јуни во Мадрид за да одговори на безбедносните грижи на Анкара во врска со тероризмот.
Шведска усвои антитерористички закон во ноември, надевајќи се дека Анкара ќе ја одобри кандидатурата на Стокхолм за влез во НАТО. Новиот закон, кој стапува на сила од 1 јуни, им дозволува на властите да ги гонат поединците кои поддржуваат терористички организации. Турскиот претседател Ердоган го коментираше и прашањето на пристапување на неговата земја во ЕУ и рече дека барањето е предадено пред повеќе од пет децении.
„Поминаа 50 години, а Европската унија сѐ уште е на истото. Ние тоа мораме повторно да го согледаме“, рече Ердоган.