Ердоган во петок ќе престојува во официјална посета на Германија / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган продолжува да ја користи дипломатијата за да обезбеди мир во регионот и да ги намали цивилните жртви во Газа.

Од почетокот на нападите на Израел врз Газа на 7 октомври, Ердоган имаше телефонски разговори со речиси 30 лидери и највисоки функционери, вклучувајќи ги палестинскиот претседател Махмуд Абас, израелскиот претседател Исак Херцог и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Тој, исто така, за последните случувања во Газа телефонски разговараше со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, либанскиот премиер Наџиб Микати, катарскиот емир шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, рускиот претседател Владимир Путин, јорданскиот крал Абдула Втори, алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

„Сите земји треба да го кренат својот глас за итен прекин на огнот во Газа“, рече Ердоган, нагласувајќи дека сегашниот конфликт станал закана за светскиот мир.

Десетти самит на ОТС во Казахстан

Претседателот Ердоган го подигна прашањето за нападите на Израел во Газа за време на различни меѓународни самити.

Тој на 10-тиот самит на Организацијата на туркиски држави (ОТС), што се одржа во главниот град на Казахстан, Астана, на почетокот на овој месец зборуваше за хуманитарната криза во окупираните палестински територии, особено во Газа.

„Од 7 октомври, не постои концепт што може да го оправда или објасни она на што бевме сведоци. Да бидеме директни и јасни, во Газа се вршени злосторства против човештвото цели 28 дена“, рече Ердоган на самитот.

Тој разговараше за нападите на Израел врз опколената палестинска енклава со други лидери на маргините на настанот, вклучително и со претседателот на Киргистан, Садир Јапаров, унгарскиот премиер Виктор Орбан, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, и казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев.

Ердоган, исто така, на 9 ноември присуствуваше на 16-тиот Самит на Организацијата за економска соработка (ЕКО) во главниот град на Узбекистан, Ташкент, и повторно зборуваше за палестинските жртви.

„Израел, со целосна поддршка од западните земји, продолжува да бомбардира училишта, џамии, цркви, болници, универзитети и цивилни населби, газејќи ја секоја вредност што човештвото ја држи“, рече тој во својот говор.

Тој одржа билатерални разговори со узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијоев, претседателот на Турската Република Северен Кипар (ТРСК) Ерсин Татар и со иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

Ердоган размени мислења со овие лидери за хуманитарната криза во Газа и чекорите што треба да се преземат за да се стави крај на конфликтот.

Вонреден заеднички арапско-исламски самит во Саудиска Арабија

Претседателот Ердоган, исто така, присуствуваше на вонредниот заеднички самит на Организацијата за исламска соработка (ОИС) и Арапската лига што минатиот викенд се одржа во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.

Лидерите на муслиманските земји разговараа за ситуацијата во Појасот Газа.

„Кудс е нашата црвена линија. Тоа е наша заедничка желба Кудс, познат како град на мирот, и сите палестински територии, да се вратат во своите поранешни денови. Како исламски свет, не можеме да ги оставиме нашите палестински браќа, сестри, беспомошни и очајни“, рече Ердоган.

Тој нагласи дека исламскиот свет бил пообединет и имал колективен став за оваа криза.

Ердоган одржа билатерални разговори со индонезискиот претседател Џоко Видодо, египетскиот колега Сиси и со саудискиот престолонаследник Бин Салман за да разменат мислења за напорите за испорака на помош до цивилите во Газа и да разговараат за можните чекори за резолуција.

Посети на Германија и Алжир

Ердоган во петок ќе престојува во официјална посета на Германија.

За време на средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц, Ердоган ќе се осврне на нападите на Израел врз Палестина и ќе пренесе порака од Берлин до европските земји, кои не се спротивставија на акциите на Израел.

Ердоган на 21 ноември се очекува да го посети и Алжир за да разговара со својот колега Абделмаџид Тебуне за нападите на Израел во Газа.

Иранскиот претседател Раиси треба да ја посети Туркије на 28 ноември.

Ердоган и Раиси ќе разменат мислења за билатералните односи и регионалните случувања.

AA
Популарни