Туркије сака да ја зајакне соработката со Германија за набавка на производи од одбранбената индустрија, изјави денес претседателот Реџеп Таип Ердоган.
„Сакаме да ја подобриме нашата соработка со тоа што зад себе ќе ги оставиме некои од проблемите доживеани во минатото околу снабдувањето со производи од одбранбената индустрија“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Истанбул.
Ердоган рече дека Анкара и Берлин се посветени на борбата против терористичките групи, особено кон ПКК, Терористичка организација на Фетула (ФЕТО), кои ја загрозуваат јавната безбедност и на Германија. ФЕТО е терористичка група која стои зад неуспешниот државен удар во Туркије во 2016 година.
„Имаме интензивни односи со нашиот НАТО-сојузник Германија во сите можни области меѓу двете големи земји“, рече Ердоган.
Зборувајќи за нападите на Израел во регионот, Ердоган рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху има експанзионистички начин на размислување, со очигледна намера да го прошири конфликтот надвор од сегашните граници.
„Многу е јасно дека во менталниот склоп на Израел и на Нетанјаху постои разбирање за проширување на оваа војна, а не нејзино задржување во одреден круг“, истакна Ердоган.
Тој посочи дека акциите на Израел во Газа се прошириле и во Либан, додавајќи дека смртта на лидерите на Хамас и Хезболах ја славеле и Тел Авив и Западот.
Осврнувајќи се на прашањето за исламофобијата во Европа, Ердоган рече:
„За жал, непријателството кон исламот сè уште е широко распространето во Европа. Непријателството кон исламот е широко распространето и во Германија, а го предводат ПКК и ФЕТО“.
Говорејќи на заедничката прес-конференција по средбата со турскиот претседател, Шолц потврди дека неговата влада неодамна одобрила испорака на одредено оружје и воена опрема за Туркије.
„Туркије е сојузник во НАТО и во тој контекс ние носиме одлуки кои водат до конкретни испораки - тоа се подразбира. Неодамна донесовме такви одлуки, а ќе има уште во иднина“, рече Шолц.
Запрашан во врска со интересот на Туркије за купување на авионите „Еурофајтер Тајфун“, Шолц рече дека во моментов се водат разговори меѓу Велика Британија и Туркије за потенцијална продажба.
„Има проекти кои се само во почетната фаза. Овој што го споменавте го води британската влада. Преговорите сега започнаа. Во таа смисла, тоа е нешто што ќе продолжи да се развива", рече Шолц и додаде:
„Воените авиони 'Еурофајтер Тајфун' се заеднички производ на Велика Британија, Германија, Италија и Шпанија. Вклученоста на Германија во производствениот процес изискува нејзино одобрение за конечно да продолжи продажбата.“
Германската продажба на оружје на Туркије во последниве години беше во голема мера блокирана од Партијата на зелените, коалициониот партнер на канцеларот Шолц, поради внатрешно-политички притисоци и различните ставови за надворешната политика.