Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган испрати порака по повод вонредниот состанок на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) во Џеда, Саудиска Арабија.
Ердоган рече дека вонредниот состанок на ОИЦ конкретно ја покажа решителноста на исламскиот свет соочен со зголеменото угнетување од страна на Израел, како и солидарноста со палестинскиот народ и поддршката за палестинската борба.
Турскиот претседател нагласи дека од првиот ден вложуваат огромни напори за решавање на кризата која започна на 7 октомври и може да се прошири на целиот регион.
„Досега остваривме телефонски разговори со 18 лидери на ниво на шефови на држави и влади. Во соработка со египетските власти доставивме три авиони со хуманитарна помош во регионот. Продолжуваме да пружаме рака за помош на угнетениот народ на Газа кој живее под блокада веќе 17 години. Сепак, акциите како што се испраќање носачи на авиони во регионот, блокирање на испораката на помош за палестинскиот народ и строго казнување на населението во Газа како целина, ги спречија нашите напори да го поддржиме мирот“, се вели во пораката на Ердоган.
Тој посочи дека целосно неефикасниот Совет за безбедност на Обединетите нации уште еднаш не ја исполни својата задача и одговорност.
„Западните земји, кои се многу амбициозни во зачувувањето на човековите права и слободи, не направија ништо друго освен дополнително го разгореа огнот. Со нивното пристрасно и лицемерно известување, меѓународните медиуми побрзаа да го оправдаат убивањето на луѓе“, додаде тој.
Тој посочи дека бомбардирањето на невините луѓе кои бегаат во областите наречени „безбедни зони“, граничните премини, џамиите, училиштата и населбите полни со цивили се само дел од воените злосторства.
„Масакрот во Газа доби нова димензија по гнасниот напад на баптистичката болница „Ал Ахли“.
Ердоган рече дека Туркије ќе продолжи да работи на хуманитарен прекин на огнот и воспоставување постојана стабилност во регионот.