Ердоган: Нетанјаху го испиша своето име во историјата како „касапот на Газа“ / Photo: AA

Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, го испишал своето име во светската историја како „касапот на Газа“.

„Нетанјаху, кој во Газа стори едно од најголемите злосторства во последните 100 години, веќе се запиша во историјата како ‘касапот на Газа’“, рече Ердоган, обраќајќи се на редовниот состанок во Анкара на пратениците во Парламентот од Партијата за правда и развој (АК партија).

„Туркије ќе ги интензивира дипломатските напори за ослободување на заложниците и воспоставување траен мир во Газа“, истакна Ердоган.

Претседателот на Туркије рече и дека изјавите што доаѓаат од администрацијата на Нетанјаху ја намалуваат надежта дека моменталната хуманитарна пауза во Појасот Газа ќе се претвори во долготраен прекин на огнот.

Што се однесува до хуманитарната помош што Туркије ѝ ја дава на Газа, Ердоган рече дека вториот хуманитарен брод со 1.500 тони хуманитарна помош ќе исплови во текот на денот.

Осврнувајќи се на состојбата во турско-грчките односи, претседателот Ердоган го истакна следното:

„Имавме спорови со Грција вчера, ќе имаме и утре. Тоа е факт, но тоа не значи дека како две земји кои делат исто море не можеме да најдеме заеднички јазик.“

AA
Популарни